САД повторно го нападнаа Иран

by irena 19:43
19:43

Американските сили денеска започнаа нова серија напади врз цели на Корпусот на Исламската револуционерна гарда во Иран, во услови на повторно зголемување на тензиите меѓу Вашингтон и Техеран.

Според американските медиуми, Централната команда на САД (CENTCOM) соопшти дека операцијата започнала денеска напладне по источноамериканско време, односно во 18 часот по средноевропско време.

Новите напади следуваат по неколкудневна ескалација во и околу Ормускиот Теснец, еден од најважните поморски коридори за транспорт на нафта во светот.

CENTCOM тврди дека нападите се насочени кон цели на Иранската револуционерна гарда и дека следуваат по неодамнешните активности на иранските сили против комерцијални бродови и американските сили распоредени во регионот.

Само два дена претходно, американската војска изврши напади врз два ирански ракетни лансери на островот Ларак во Ормускиот Теснец. Според американската страна, припадници на Револуционерната гарда биле забележани како се подготвуваат да употребат ракети и да постават поморски мини во теснецот. Иранските власти соопштија дека во тие американски напади загинале две лица, а неколкумина биле повредени.

По американските напади, Иран возврати со напади врз цели поврзани со американските сили во регионот.

Иранската револуционерна гарда соопшти дека со балистички ракети биле нападнати американски воени позиции во Јордан и тврдеше дека биле погодени две бази и била предизвикана значителна материјална штета.

Јорданските вооружени сили, пак, соопштија дека пресретнале осум ракети кои навлегле во воздушниот простор на земјата и дека тие биле уништени пред да предизвикаат штета. Американските медиуми објавија и дека Иран тврдел оти нападнал американски воен персонал во Обединетите Арапски Емирати.

По иранскиот одговор, американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Вашингтон повторно ќе возврати.

– Ќе ги погодиме силно. Ќе има одговор – порача Трамп.

Дополнителна загриженост предизвикаа и инцидентите со комерцијални танкери во близина на Ормускиот Теснец. Во понеделникот вечерта танкер под либериско знаме, во сопственост на јужнокорејска компанија, бил погоден од три засега неидентификувани проектили додека излегувал од теснецот.

Според британскиот Центар за поморски трговски операции, во инцидентот нема пријавено жртви ниту загадување на животната средина.

Во регионот претходно беше погоден уште еден танкер, додека одговорноста за последните напади врз комерцијалните бродови не е утврдена во сите случаи.

Ормускиот Теснец останува во центарот на конфликтот. САД тврдат дека јужната рута низ теснецот, во близина на брегот на Оман, е отворена и безбедна за пловидба. Иран, од друга страна, инсистира бродовите да ги координираат своите движења со иранските власти и да користат северна рута поблиску до иранскиот брег.

И покрај американските уверувања дека пловидбата е можна, бројот на бродови кои секојдневно минуваат низ Ормускиот Теснец останува значително понизок од нивото пред почетокот на конфликтот.

Новата размена на удари меѓу САД и Иран повторно ја зголеми загриженоста за безбедноста на поморскиот сообраќај и можните последици врз глобалниот пазар на енергенси.

Слични вести