Рускоска: „Повеќе од 70% од обвинителите не се подмитливи“

by irena 22:11
22:11

Дали ниските примања на обвинителите и судиите ги прават „лесен плен“ за корупција? На оваа тема во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ говореше поранешната обвинителка Вилма Рускоска, која застана во одбрана на поголемиот дел од правосудниот систем.

На директното прашање дали платите се главниот фактор за подмитливост, Рускоска децидно одговори дека перцепцијата во јавноста за целосна корумпираност е погрешна.

Таа се повика на анализи според кои најголемиот дел од кадарот во судството и обвинителството постапува согласно закон.

„Би сакала да потенцирам дека повеќе од 70% од обвинителите и судиите не примаат мито и не се подмитливи. Иако платите во нашиот сектор се најниски во регионот, тие во моментов се сепак солидни“, истакна Рускоска.

Таа се присети и на периодот кога примањата во правосудството биле значително пониски од денешните, но нагласи дека тоа не влијаело на професионалниот интегритет на дел од кадарот. Како пример за тоа, го спомена и тогашниот стандард на вработените.

„Навреме платите беа навистина ниски, но тоа не значеше дека обвинителите и судиите земаа мито. Доволно беше тогаш да се погледне паркингот зад судот – по автомобилите се гледаше реалниот стандард“, изјави таа.

Слични вести