Родителите на починатите во „Пулс“ сo ултиматум до Обвинителството и Судот, бараат одговори до 3 октомври

by irena 21:04
21:04

Родителите на починатите во мартовскиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска по 24-ти пат маршираа за своите ангели.

Маршот започна од Паркот на Револуцијата, преку Трговскиот центар, мостот кај Шопинг центарот до зградата на Управата за јавни приходи.

Поворката продолжи кон полициската станица и заврши пред Основниот суд, од каде беше упатено ултимативно предупредување до Обвинителството и судот, од каде очекуваат одговори на прашањата што претходно им ги доставиле во писмена форма.

„Обвинители и судии, ние, семејствата на жртвите од трагедијата во ‘Пулс’, бараме итен и јасен одговор од вас. Доста е со молчење, поминаа шест месеци. Срамота е“, рече мајка на едно од загинатите деца. Родителите појаснуваат дека до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) веќе доставиле прашања и очекуваат информации за тоа до каде е постапката против вработените во МВР и кога ќе се подготви обвинителниот акт.

На судиите од Кривичниот суд им упатија прашање дали ќе донесат оценка на обвинителниот акт или ќе се повлечат пред политички влијанија.

Нема повеќе трпеливост, бараме итна одговорност. Време е да заврши одолговлекувањето. Ако до петок, 3 октомври, не добиеме одговор, нема повеќе мирни маршеви — ќе има протести и блокади. Нема повторно молчење“, се вели во пораката.

Роднините нагласуваат дека нивниот повик не е политички мотивиран, туку е израз на бес и тага поради месеци без одговори и без правна разврска.

Тие порачаа дека ќе ја бараат вистината и одговорноста „до крај“, бидејќи, како што велат, цели семејства се уништени и немаат што да изгубат.

Слични вести