Пратениците на Левица поднесоа Предлог-закон за семејна и станбена поддршка, со кој се предвидува државата да покрива 20 проценти од првично одобрениот станбен кредит за секое родено или посвоено дете. Како што соопштуваат од партијата, целта на оваа мерка е да им се олесни решавањето на станбеното прашање на младите семејства и да се поттикне наталитетот во земјава.
Според предложеното решение, финансиската помош нема да се исплаќа директно на граѓаните, туку Министерството за финансии ќе ги префрла средствата на банката, со што ќе се намалува преостанатиот долг и месечната рата на кредитот.
Од Левица појаснуваат дека за станбен кредит од 100.000 евра, државата би покривала по 20.000 евра за секое дете, додека максималната поддршка за едно семејство би изнесувала 100.000 евра, но не повеќе од вкупната главнина на кредитот.
Мерката е наменета за граѓани кои купуваат или градат прв дом, а предвидено е да важи и за одредени постојни станбени кредити склучени во последните пет години пред почетокот на примената на законот. Корисниците ќе имаат обврска да не го продаваат или издаваат домот во период од пет години, освен во предвидените законски исклучоци.
Во образложението на предлогот, од Левица посочуваат дека високите цени на недвижностите, долгорочната кредитна задолженост и економската несигурност претставуваат сериозни пречки за младите семејства.
Предложено е законот да започне да се применува од 1 јануари 2027 година, доколку биде усвоен од Собранието.