Хатај се издигна од пепелта како Феникс и сега е огромно градилиште, во кое полека се враќаат или ќе се вратат раселените граѓани што останаа без своите домови. За само три години изградени се 500.000 станбени единици во најпогодените провинции, а ќе се градат уште 500.000 социјални станови во сите 81 провинција во Турција.
Пишува: Орце КОСТОВ
Двата земјотреси во Турција и во Сирија, во февруари 2023 година засекогаш го променија животот на милиони луѓе. Додека илјадници семејства жалеа по загубата на своите најблиски, стотици илјади останаа да живеат во привремени кампови.
Двата катастрофални земјотреси, со магнитуда 7,8 и 7,5 степени според Рихтер погодија 11 провинции во Турција. Епицентарот беше во регионот Кахраманмараш, но една од најтешко погодените области беше провинцијата Хатај, особено градот Антакија.
Над 20.000 жртви имаше само во Хатај. Илјадници згради во Хатај беа урнати или беа тешко оштетени. Во Антакија штетите беа енормни: 70 отсто од домовите беа загубени, историскиот центар на градот беше практично урнат, аеродромот во Хатај беше оштетен со распукана и нефункционална писта, беа уништени болници, историски објекти и голем дел од инфраструктурата.
Според податоците од турските официјални власти, во провинцијата Хатај биле урнати над 13.500 објекти, додека над 215.000 домови биле оштетени.
Како дел од причините за огромната катастрофа се наведени тоа што земјотресот бил силен и плиток, имало голем број постари неквалитетно изградени згради, додека почвата во делови од Хатај била алувијална и ја засилила силината на тресењето.
Некогаш со полни улици со живот, домови, џамии, цркви и спомени, денес Антакија е само тишина од која се издигаат нови темели. Реконструкцијата е во тек, но многу делови од Антакија и понатаму изгледаат како градилиште.

Градот Антакија е огромно градилиште
Овој град низ својата историја повеќепати бил уништуван и разурнат, но бил изграден повторно.
Три години по земјотресот, кој ја расплака Турција, градот Антакија во Хатај се издигна од пепелта како Феникс и сега е огромно градилиште, во кое полека се враќаат или ќе се вратат раселените граѓани што останаа без своите домови.
„Фокус“ ја посети провинцијата Хатај и градот Антакија, кој е обновен од темел за помалку од три години, што е потег, кој не му успеал досега никому.
„Фокус“ беше дел од втората „Медиумска турнеја за животна средина и климатски промени“ во рамките на 31-та Конференција на Обединетите нации за климатски промени (COP31), во организација на Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Република Турција и Министерството за животна средина, урбанизација и климатски промени.
Програмата вклучи 18 членови на печатот од 12 различни земји: Азербејџан, Мароко, Јужна Кореја, Обединетото Кралство, Шпанија, Италија, Јапонија, Црна Гора, Северна Македонија, Турската Република Северен Кипар, Унгарија и Србија.

Турската влада почна масовна изградба на нови станбени блокови, во кои има десетици илјади станови и деловни простори, кои се градат со највисоки антисеизмички стандарди
ТИШИНАТА ЗБОРУВА ЗА ПРИКАЗНИТЕ НА ОНИЕ ШТО ИСЧЕЗНАА
Антакија е стар град (античка Антиохија) и низ историјата повеќепати бил уриван од земјотреси и повторно граден – но овој од 2023 година е еден од најразорните во модерно време.
Градот е основан околу 300 г. п.н.е. од Силикус Никатор, еден од наследниците на Александар Македонски. Во античко време бил еден од најголемите градови во светот, дел од т.н. „четири големи“ градови на Римската империја заедно со Рим, Александрија, Константинопол.
Градот има огромна важност за за христијанството бидејќи тука за првпат се користи терминот „христијани“ и во градот проповедале апостолите Петар и Павле.
До 1939 година бил дел од француското владеење во Сирија, а потоа станува дел од Турција како провинција Хатај.
Антакија денес не е само градилиште. Таа е место каде што се судираат минатото и иднината, каде што се среќаваат спомените на она што било и надежта за она што допрва ќе дојде.
Новите ѕидови на куќите и зградите повторно ќе израснат. Улиците повторно ќе се наполнат со луѓе, но приказните, гласовите и животите на оние што исчезнаа, остануваат дел до тишината, велат локалните жители.
–Претрпевме огромна загуба. Живемее во тишина и во страв да не се случи повторно такво нешто. Сè уште имаме сограѓани што живеат во монтажни контејнери и чекаат да им се обноват домовите, додека некои од нив мигрираа во други градови. Градот ќе се обнови, животот за помладите ќе продолжи, но приказните, гласовите и животите на оние роднини и пријатели што ни исчезнаа ќе останат засекогаш дел од тишината, вели жител на Антакија додека пиеше чај во чајџилница во населбата близу црквата „Св. Петар“.
Црквата и останатите куќи изградени во карпестото подножје на планината се спасиле од уништување поради специфичната конфигурација на теренот, но не и старата џамија.
ОБНОВА „КАМЕН ПО КАМЕН“
Во Антакија, најголемото уништување беше во историскиот центар и старите населби. По земјотресот беа урнати или тешко оштетени.
Историската зграда на парламентот на поранешната држава Хатај, која беше целосно уништена, „Хабиб-и Некар“ џамијата, една од најстарите во Анадолија беше речиси струшена, во земјотресот беше уништена и историската христијанска црква „Свети Павле“.
Оштетувања претрпеа и Археолошкиот музеј на Хатај и синагогата во Антакија, додека симбол на катастрофата стана луксузниот станбен комплекс „Ренесанс Резиденс“, кој целосно се урна.
Голем дел од улицата Сарај Кадеси и традиционалните куќи во старото јадро на градот беа уништени.

За нецели три години се обнови џамијата Хабиб-И Некар, со користење на материјалите од разурнувањето и камења, кои биле нумерирани и внимателно отстранувани по катастрофата.
За нецели три години Турција ја обнови џамијата, користејќи ги материјалите од разурнувањето и камењата, кои биле нумерирани и внимателно отстранувани по катастрофата.
„Сарај Кадеси“ била една од најпознатите и најживите улици во стара Антакија пред земјотресот, позната по традиционалните камени куќи, мали дуќани, слаткарници со светски познатиот десерт кунефе, стари гостилници и улица, која била практично срцето на стариот град и место каде што се мешале арапската, турската и медитеранската култура.
Во земјотресот во 2023 година, голем дел од улицата бил урнат или сериозно оштетен и поради густата населеност и старите објекти голем дел од луѓето останаа заробени под урнатините.
Сепак, преку проект на турското Министерство за животна средина и урбанизам, вратен е автентичниот изглед на Антакија и реставрирани се најголем дел од објектите.
За многу луѓе од Хатај, Сарај Кадеси не е само улица, туку симбол на мултикултурната душа на Антакија – место каде што со децении заедно живееле Турци, Арапи, Ерменци, христијани, муслимани и Евреи.

„Сарај Кадеси“ била една од најпознатите во стара Антакија пред земјотресот, позната по слаткарниците со светски познатиот десерт кунефе
ОТПОРЕН ГРАД
Турската влада почна масовна изградба на нови станбени блокови, во кои има десетици илјади станови и деловни простори, кои се градат со највисоки антисеизмички стандарди, рециклирани материјали и материјали кои не влијаат врз животната средина.
И покрај некои критики дека новите градби не го задржуваат стариот изглед на градот, турските власти се убедени дека проектот „Отпорен град“ е врвен проект со највисоки стандарди направен за да ги заштити граѓаните од катастрофи.
При обновата на градот, архитектите и Министерството за урбанизам примениле холистички пристап кон планирањето, кој не го одвојува домувањето од училиштата, здравствените установи, трговијата, зелените површини и секојдневниот живот, воспоставувајќи систем на паметна инфраструктура, кој е дизајниран да обезбеди енергија, вода, третман на отпадни води и комуникациски линии да работат за време и по катастрофа.

Парламентот во Хатај кој е симбол на модерната историја беше тешко оштетен, но тим на млади архитекти успеа да го врати нејзиниот француско-арапски стил
На тој начин изградени се 500.000 станбени единици во најпогодените провинции за три години, а ќе се градат уште 500.000 социјални станови во сите 81 провинции во Турција.
–193.000 станови се изградени, што значи повеќе од тоа што ни требаше. Во овие станови, 8.000 луѓе добија клучеви и живеат во своите домови. Останатите веројатно на лето кога ќе заврши училишната година ќе се вратат да живеат во новите куќи. Некои од нив мигрираа во други градови поради тешката ситуација, но ние веќе ги завршивме и ги предадовме клучевите на жителите чии куќи беа урнати. Ова е само во Хатај, а остантите, 450.000 изградени домови се во другите градови погодени од земјотресот, рече генералниот директор за менаџирање со животната средина, Фатих Туран.
Зградата на парламентот во Хатај е една од најважните историски згради во Антакија. Таа била парламент на краткотрајната држава Хатај, мала независна држава што постоела помалку од една година пред провинцијата Хатај да се приклучи кон Турција во 1939 година.
Зградата, која е симбол на модерната историја на Хатај, била тешко оштетена со падната делови од покривот и фасадата. Тимот од млади архитекти успеал да го врати нејзиниот француско-арапски стил со камена фасада и симетричен изглед типичен за Антакија во периодот на француското владеење на овие простори.
При реновирањето искористени се сите материјали што се нашле под урнатините, почнувајќи од влезните врати, оригиналните седишта во салата и светлата на подот. Сега големата просторија на парламентот ќе биде театарска сцена во која државниот театар на Хатај ќе ги игра своите претстави.

Повеќе од 200.000 архитекти, инженери и работници неуморно работеле на терен за да изградат 23 куќи на час, или 550 куќи дневно
МИНИСТЕРОТ КУРУМ: СПОМЕНИТЕ ВО ХАТАЈ ПОВТОРНО ИМААТ СВОЈА АДРЕСА
Претседателот на „COP31“ (Самит за климатски промени на ООН) и министер за животна средина, урбанизација и климатски промени, Мурат Курум, чија земја Турција е домаќин на самитот, на прес-конференцијата со новинарите од 10 земји, меѓу кои и новинар на „Фокус“ од Македонија, рече дека Турција напишала неспоредлива приказна за успех во светот за две години, претставувајќи го проектот „Отпорни градови“ како иднина не само на неговата земја, туку и на човештвото.
Проектот се спроведува во 11 земјотресни зони и поточно во Хатај, фокусирајќи се на „ефикасност“, „еколошки згради“, „нула отпад“, „управување со паметен систем“ и „принципи на одржливо населување“.
–Денес, вистинската сила на градовите се мери според тоа колку се подготвени за катастрофи и колку безбедна иднина можат да им понудат на своите луѓе. Затоа Хатај, каде што се наоѓаме во моментов, има многу посебно место, рече министерот Курум.

Преживените граѓани сега може да гледаат кон иднината“, вели турскиот министер за животна средина и урбанизам, Мурат Курум
Според турскиот министер, прашањето за климата повеќе не е само прашање за експертите, туку поголема тема што ги допира секојдневниот живот на луѓето, нивните градови, економии, вода, храна, безбедност и очекувања за иднината.
–Според мене, уште едно впечатливо откритие е дека луѓето најмногу зборуваат за климатските промени кога тие директно влијаат врз нивните животи. Тие зборуваат за тоа кога има пожари, поплави, бури, лизгање на земјиштето или кога кризата со вода или храна е пред нивниот праг во таа земја или град. Одеднаш, по тие катастрофи, климатското прашање престанува да биде апстрактна тема и се трансформира во конкретна реалност што се однесува на домовите, работните места, здравјето и безбедноста на луѓето, вели Курум.
Првиот тест за Турција по однос на тоа како климатските промени влијаат врз животите на граѓаните се случи на 6 февруари 2023 година, кога силните земјотреси погодија 11 провинции и 14 милиони луѓе.
Курум рече дека државата не ги оставила граѓаните сами од првиот момент на земјотресот и дека го управувале целиот процес директно од зоната на земјотресот, во координација со надлежните институции.
–Преживените граѓани сега може да гледаат кон иднината, а ние ќе го споделиме искуството со целиот свет. Препорака на сите што имаат време да дојдат во Хатај, да зборуваат со локалните жители и да го пробаат најубавиот десерт во светот, популарното кунефе, рече министерот Курум, заблагодарувајќи им се на спасувачките тимови од земјите што пристигнаа да помогнат да се најдат исчезнатите и преживеани лица, меѓу нив и македонските тимови.
Повеќе од 200.000 архитекти, инженери и работници неуморно работеле на терен за да изградат 23 куќи на час, или 550 куќи дневно.
Министерот истакна дека првите темели на новите домови за жителите на провинцијата Хатај и градот Антакија биле поставени на 15-от ден по катастрофата, додека ги предале првите клучеви на 45-от ден.
–Не зборуваме само за градби, туку и за реконструкција на животите на нашите граѓани. Зад оваа приказна се прво животите на луѓето, па потоа е просторот за нив и на крај зградите. Во Хатај не се реконструираа само домовите, туку и душата и сеќавањата на граѓаните што живеат тука. Спомените повторно ќе имаат своја адреса, рече министерот.
Објаснувајќи ја работата што ја извршиле во Хатај, Курум изјави дека ја обновиле, не само надградбата, туку и инфраструктурата во градот, и дека решително го применуваат овој пристап во сите провинции погодени од земјотресот.
–Овој модел, кој оживеа во 11 од нашите провинции, не го остава домувањето по катастрофата на милост и немилост на пазарот. За жал, денес, сите светски нации го напуштија концептот и разбирањето на социјалната држава. Под водство на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Турција напиша неспоредлива приказна за успех во светот за две години, држејќи го својот народ за рака од првиот ден и никогаш не пуштајќи го. Ако 11 од нашите провинции, кои покриваат површина од 110.000 квадратни километри, денес се кренаа на нозе, ова ја покажува силата, моќта и љубовта на Република Турција кон својот народ. Ние водиме политика и пристап што никогаш не ја остава нашата нација сама во никаква катастрофа. Ова е многу важно, можете да давате ветувања, но исполнувањето на тие ветувања е клучно, истакна тој.
„ОТПОРНИ ГРАДОВИ“
Во Хатај беше потпишана и Декларација со министрите од земјите учеснички на панелот „Патот на Турција до КОП31: Отпорни градови“.
–Му објавивме на целото човештво дека ќе преминеме од политика кон имплементација, од закрепнување кон трансформација и од глобални обврски кон локално дејствување. Во таа смисла, одлучивме да ги унапредиме градовите отпорни на климатските промени и урбаната трансформација, да го зајакнеме управувањето на повеќе нивоа и да ги овластиме локалните самоуправи како клучни актери во имплементацијата.
Објавивме дека ќе го зголемиме финансирањето за отпорни и одржливи градови. Ветивме дека ќе ја забрзаме транзицијата на урбаната енергија и развојот со ниски јаглеродни емисии, како и да промовираме решенија базирани на природата и пристапи фокусирани на човекот.
Накратко, се обврзавме кон целото човештво да ги преведеме резултатите од COP31 во патеки за имплементација на ниво на град и братски да споделуваме успешни практики. Како претседател на COP31, во име на целото човештво, ја изразувам мојата благодарност до сите земји што ја потпишаа оваа декларација, рече министерот Курум.
ХОТЕЛ ИЗГРАДЕН ВРЗ МУЗЕЈ
Во срцето на Антакија се издига еден најнеобичниот хотел во Турција – модерен хотел изграден врз археолошка историја. Под него се откриени мозаици и остатоци од античката Антиохија, еден од најважните градови на римската ера.

Хотелот музеј во Хатај е изграден над огромен археолошки локалитет на античка Антиохија
Хотелот е изграден над огромен археолошки локалитет на античка Антиохија. Кога почнала изградбата во 2009 година, работниците откриле цело архелошко наоѓалиште со римски улици, бањи, столбови, гробници, мозаици и над 35.000 артефакти од 13 цивилизации.
Наместо да биде запрен проектот, архитектите го промениле концептот на проектот и создале хотел, кој буквално „лебди“ над ископините, поставувајќи ги собите на челична конструкција со цел да не го загрозат локалитетот. На тој начин, гостите имаат неверојатно искуство шетајќи по железни мостови токму над археолошкото наоѓалиште.
Најпознатото откритие на локалитетот е најголемиот познат едноделен римски поден мозаик во светот со површина околу 1050 квадратни метри. Мозаикот има брановидна форма, која е последица на античките земјотреси од 526 и 528 година.
Поради сложениот систем на челични столбови, хотелот и музејот го преживеале земјотресот во 2023 година.
Додека Антакија се обновува по земјотресите, овој простор потсетува дека градот не е само разурнат или изграден – туку слоевит, постојан и жив. И токму тука под хотелот се гледа што значи Антакија: град што никогаш не почнува од нула.
Текстот е објавен на 14 мај 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.597