Рекордни температури парализираа делови од Германија

by irena 10:26
10:26

Германија се соочува со екстремни температури бидејќи топлотниот бран, кој веќе зафати делови од Западна Европа, се движи кон исток, објави Ројтерс утрово.

Во некои делови од земјата, температурата надмина 40 степени Целзиусови, а прелиминарен рекорд од 41,3 степени е забележан во близина на Сарбрикен, објави Германската метеоролошка служба.

Метеоролозите предупредуваат дека врвот на топлотниот бран би можел да следи за време на викендот, со можност температурата во некои области да се искачи над 40 степени.

Топлотниот бран веќе се поврзува со смртни случаи во Западна Европа, додека Франција, Швајцарија, Велика Британија и Германија забележаа рекордно високи јунски температури.

Високите температури предизвикаа прекини во железничкиот сообраќај, проблеми во електричната мрежа, како и откажување или одложување на бројни настани и училишни активности.

Германскиот железнички оператор „Дојче Бан“ овозможи бесплатно откажување на билети за патувања на долги релации поради екстремни временски услови.

Метеоролозите наведуваат дека станува збор за таканаречен „Омега блок“, временски модел што одржува маса топол воздух над регионот подолг временски период, додека постудениот воздух останува на неговите рабови.

Според прогнозите, интензивната топлина треба да почне да се намалува во текот на викендот, со можност за силни грмотевици во недела.

Слични вести