Улицата „Милан Зечар“, која се состои од три оски во населбата Стар Аеродром веќе со недели е во фаза на реконструкција, проект вреден над 20 милиони денари. Жителите реагираат на бавното темпо на изведба и секојдневните потешкотии со движењето низ населбата.
„Разбираме дека се работи на реконструкција, ама веќе предолго трае. Секој ден минуваме низ прашина, раскопани делови, не може да отвориме прозори поради прашината. Би било убаво да се забрза темпото,“ сведочи за „Фокус“ жител што живее на истата улица.
Од Општина Аеродром за „Фокус“ информираат дека станува збор за целосна реконструкција на улицата, односно трите оски, а тоа опфаќа поставување на нов асфалт во должина од над 600 метри, како и обновување на постојните тротоари.
„Ова е значаен проект, во висина од над 20 милиони денари. Инвеститор е Општина Аеродром со средства добиени од Владата за реализација на капитални проекти, а изведувач на градежните активности е фирмата „КООП ИНЖЕНЕРИНГ“ ДОО Куманово.“, додадоа од Општина Аеродром.
Реконструкцијата започнала во втората половина на јули, а според Општината, рокот за нејзино завршување е три месеци од стартот на работите. И покрај забелешките на граѓаните, од таму уверуваат дека нема пролонгирање на рокот, туку дека тековно се работи и на дополнителни зафати.
Од Општина Аеродром велат дека не станува збор за пролонгирање на реализацијата на проектот, туку дека во моментов се работи на изградба и уредување на паркинг простор што ќе се наоѓа покрај оваа улица. „Досега тој простор беше земјена површина, но со негово поплочување, жителите од овој дел на Аеродром конечно ќе добијат убаво уреден, обележан и безбеден паркинг.“, додаваат од таму.
И додека институциите уверуваат дека се работи според планираното, жителите бараат побрза и поефикасна реализација, бидејќи секојдневните услови за живот им се значително нарушени.
Пишува: Сара Танаскоска