Рејхановата сага

by Fokus

ДНК анализата го врзува еден од сторителите за вреќата, вториот од сторителите ОЈО го сместува на лице место преку базните станици на неговиот телефон. Анализата на телефонот на Рејхан Исаев за цело време на сторување на кривичното дело зрачи во Скопје! И тука започнува двегодишната сага на Исаев. Другите двајца признаваат дело и добиваат осуда, а Исаев не признава бидејќи не го сторил. Но, менува адвокат кој се обидува да продуцира алиби. Судот тоа не го прифаќа и го осудува на пет и пол години затвор.

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Сагите се прозни приказни и истории кои потекнуваат од Исланд и во помал обем, Скандинавија во кои има Викиншки патувања, миграција во Исланд и расправии меѓу Исландските семејства. Викиншките саги се легендарни, напишани двестотини години после настаните кои ги опишуваат, опфаќаат подолг временски период и се легендарни по природа.

Долга по времетраење и легендарна е и Рејхановата сага. Рејхан Орханов Исаев е бугарски државјанин од турско етничко потекло кој ангажиран од друга моја странка за надомест рента во Германија и довезува до Македонија кампер со германски регистарски ознаки. Камперот на 04.05.2021 година е користен од лицето кое го ангажирало, второ лице и трето НН лице за пренос на канабис.

Во даден момент сторителите ги фаќа паника и во атар на тетовско село исфрлаат две вреќи со десет килограми канабис. Мештаните тоа го гледаат и пријавуват во полиција.Следниот ден двете лица кои биле на местото на настанот како и Рејхан ги апсат и им се одредува мерка притвор, а ОЈО ГОК започнува истрага.

ДНК анализата го врзува еден од сторителите за вреќата, вториот од сторителите ОЈО го сместува на лице место преку базните станици на неговиот телефон. Анализата на телефонот на Рејхан Исаев за цело време на сторување на кривичното дело зрачи во Скопје! И тука започнува двегодишната сага на Исаев. Другите двајца признаваат дело и добиваат осуда, а Исаев не признава бидејќи не го сторил. Но, менува адвокат кој се обидува да продуцира алиби. Судот тоа не го прифаќа и го осудува на пет и пол години затвор. Иако, нема апсолутно ниту еден доказ, судот се држи на признанието на останатите двајца и на серија претпоставки.

Незадоволен Рејхан повторно ме ангажира за жалбена постапка по што поднесовме жалба. Воден од искуство и имајќи ја предвид ултрапривилегираната положба на обвинителот, особено од организиран криминал, не бев преголем оптимист.

Но, Апелaциониот суд се покажа на висина на задачата и првостепената пресуда ја укина. Ставот им беше дека и покрај тоа што алибито на Рејхан обвинителот го побил, сепак останува обврската согласно товарот на докажување да обвинителството продуцира докази со кои ќе го смести на лице место, а од изведените докази такво нешто не произлегува.

Дополнително скопска Апелација е на став дека признанието на вина секој обвинет го дава сам за себе и не може да се користи како доказ за вина на некој што не признава дело, а воедно и во моментот на осуда на Исаев, пресудите за останатите двајца не се правосилни.

На повторно судење беа донесени од затвор останатите двајца и категорично потврдија дека Исаев не бил со нив.

Судечкиот совет повторно го осуди на истата казна од пет и пол години, а претседателката на совет беше со став дека “ако веќе сме се впуштиле во продуцирање алиби, сме требале да го докажеме” што е спротивно на насоките на Апелација, но и на кривично правна наука- товарот на докажување е секогаш на ЈО и не може константно да сме доведени во состојба да ние како одбрана треба да докажуваме невиност, а не обратно.

Секако дека се жалев и јавната седница е закажана за 27.04.2023 година. Да сме во нормална констелација на односи 100:0 сме добитни, но ова е Македонија каде не ретко судиите наместо да се власт се доживуваат како чувари на буџетот, осудителните пресуди се 98.7% и никако не сум сигурен во исходот.

САКАМ ДА ВЕРУВАМ ДЕКА И ЗА ТИЕ КОИ НЕ СЕ  ПРЕЗИВААТ МИЈАЛКОВ ВО МАКЕДОНИЈА ИМА ПРАВДА

Рејхан беше контактиран два пати од бугарски Европратеници со цел да прават приказна, демек на етничка основа без докази (а без докази е) е суден, и на мој совет тој предлог беше одбиен. Извинете, по никоја цена нема да правам кеиф на бугарски фашисти да ми ја уринираат лажно државата. Факт е дека е осуден без докази но не е од етнички причини, а и имам и сакам да имам минимум верба во Апелациониот суд. Едноставно НИШТО не се промени на полошо спрема обвинетиот од последната одлука на Апелација во декември, кога беа на став дека од доказите не произлегува неговата вина.

Патем, Рејхан е мажиште, без две недели е цели две години во притвор. А, нема кажано, не кука, не плаче, не се жали, не прави проблеми во затвор, но бара ПРАВДА. Ова е првиот случај во мојата 11-годишна кариера како адвокат за кој сум 1000% убеден дека не е виновен. Јас правда за овој човек ќе добијам независно дали е тоа на Апелација, Врховен или Стразбур, но имам верба дека Апелација ќе си остане на своето и дека не може ама баш се да поминува.

Немам јас никакви бенефити од ова, парите одамна сум ги потрошил, но таа глупа емпатија и по се излегува. Погрешното христијанско воспитување на родителите не ми дава мир да трпам невин човек да е осуден на бафтанаа пет и пол години.

Јавната седница е закажана за последниот четврток во годината и сите кои сакаат да посведочат како во Македонија се суди, но и квалитетна одбрана, се добредојдени, бидејќи судењата се јавни, а скопска Апелација е на сериозен тест дали ќе остане на првичниот исправен став или ќе подлегне на притисокот на ОЈО ГОК! Сакам да верувам дека и за тие кои не се презиваат Мијалков во Македонија правда ИМА!!

 

Поврзани новости