Речиси 6.000 згради во Киев без греење по руски напад

by irena 08:58
08:58

Речиси 6.000 згради во Киев останаа без греење по рускиот напад во текот на ноќта, изјави градоначалникот Виталиј Кличко. Температурата во Киев утрово беше минус 12 степени Целзиусови, објави Ројтерс.

Во исто време, стотици илјади луѓе останаа без електрична енергија во регионот Чернихив на северот од Украина по рускиот напад во текот на ноќта, објави регионалната енергетска компанија утрово.

Наведено е дека важен енергетски објект е оштетен во близина на градот Нижин.

Најмалку 19 лица, меѓу кои бремена жена и дете, се повредени во руските напади врз Харков во североисточна Украина во текот на ноќта, изјави градоначалникот Игор Терехов.

Терехов изјави дека во нападите биле погодени станбени згради, куќи, студентски дом во кој се сместени раселени лица, болница и породилиште, објави „Униан“.

Руските сили претходно го нападнаа Харков на 17 јануари, кога критичната инфраструктура во индустриската област претрпе значителна штета, а една жена беше убиена во нападот на 18 јануари.

Едно лице беше убиено, а четворица беа повредени во рускиот напад врз Киев рано утрово, објави градоначалникот Виталиј Кличко.

Тој изјави дека во Киев се слушнале низа експлозии, објави „Укринформ“.

Кличко изјави дека неколку станбени згради биле оштетени во нападот со беспилотни летала и ракети.

Слични вести