Јајцата поскапеле за 5 до 10 отсто, маслото до 5 проценти. Ова е констатирано во контролите кои изминативе седум дена ги направиле инспекторите од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Од инспекторатот за „Телма“ изјавиле дека 30 тимови ги скенирале производителите, увозниците, маркетите и генерално цените за сега биле стабилни.
„Ова зголемување е поради растот на цената на суровините на светските берзи. За околу 15 отсто е поскапено суровото масло, а зголемување е забележано и кај сојата и пченицата поради конфликтот со Украина но и новите случувања на Блискиот исток“, соопштиле од ДПИ за Телма.
Исто така, од пазарниот инспекторат соопштиле и дека трговците, барем засега, добиле уверување од производителите дека нема да има поместување кај нивните цени.
Контролите на инспекторатот ќе продолжат и во следните две до три недели.