
Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во двобројот 1609-1609 што излезе на 29 јули 2026 година
Пишува: Зоран ФИДАНОСКИ
Сред лето, со денови со големи жештини, гостиварци повеќе од три недели пиеле екстремно загадена вода, измешана со огромен број фекални бактерии и екстремно висока концентрација на хлор во градскиот водовод. Гостивар, кој редовно брои најмалку педесетина илјади жители, а во летниот период таа бројка, поради присуството на гастербајтерите од тој крај, редовно се искачува и над 70 илјади, се соочи со вистинска епидемија во која од водата здравствено настрадаа неколку илјади луѓе. Институциите целосно паднаа на испитот, дозволувајќи еден град, во третата декада од 21 век, да се соочува со ситуација на ниво на хуманитарна криза. Затоа секојдневно на жителите им беа доставувани околу 100 тони вода. Прашање е дали со неа ги задоволуваа потребите од секојдневието, освен се разбира што ја употребуаа за пиење и за готвење. Дури пред некој ден се дозволи водата да се користи како техничка, а прашање е дали почетокот на идниот месец и ќе биде исправна да се користи и за пиење.
Обвинителството отвори истрага. Приведени се директорката и двајца високи раководители на гостиварското комунално претпријатие, кои, со намера да го одржат притисокот во водоводот на едно задоволително ниво, со пумпи директно ги смешале отпадните води од каналот во Вруток со каптажата од каде што се дистрибуира питка вода за градот.
„Случајот Гостивар“, покрај многуте здравствени, хуманитарни, институционални, отвора и една безбедносна дилема, а таа е кој ја чува стратешката инфраструктура во земјава, која, секако, треба да биде еден од врвните приоритети за обезбедување. Прашањето, иако можеби на прва изгледа вчудовидувачки, сепак е сосема на место. Затоа што и кога медиумите, меѓу кои и „Фокус“ беа присутни во моментот кога приведените во Гостивар беа носени во судот со лисици на рацете на 21 јули, изворот Вруток никој не го обезбедуваше. Каптажата, освен еден катанец, кој, секој што е малку повешт може да го скрши, немаше никаква друга заштита. А, од таму протекува вода што ја пијат 50-70 илјади луѓе секој дневно, плус изворот се користи и за наводнување обработливи површини. И, да не заборавиме, од него генерално се полни и почнува да тече најголемата македонска река Вардар. И, затоа може да се каже дека е една од поважните стратешки точки во државата, која мора да биде под континуирана заштита.
Замислете, ако станува збор за таков случај, а бројката на жители е десетпати поголема. Како што е на пример Скопје и изворот Рашче, од каде што со вода се снабдуваат најмалку 600-700 илјади жители на скопскиот регион, плус сите институции и јавни претпријатија, како и приватните фирми што функционираат на ова подрачје. А, 90 отсто од сите потреби на вода се алиментираат токму од Рашче.
КАКО СЕ ЗАШТИТУВА РАШЧЕ?
Изворот е поделен на неколку заштитни зони, кои, заедно со мерките за чување на водата за пиење, се законски уредени со цел да се спречи секакво намерно или случајно загадување на овој витален природен ресурс од кој секојдневно, како што рековме, со вода за најразлични потреби, се снабудуваат повеќе од една третина од вкупната македонска популација. Околу изворот се воспоставени четири посебни заштитни зони со различен степен на рестрикција и надзор. Првата потесна заштитна зона (Зона на строг санитарен надзор), го опфаќа непосредниот простор околу каптажите Рашче I и Рашче II, пумпните станици, галериите и резервоарите. Тука е целосно забранет пристап за неовластени лица, а земјиштето е под постојано физичко и техничко обезбедување од службите на ЈП „Водовод и канализација.“
Првата поширока заштитна зона се протега низ непосредната околина во која се забранува изградба на какви било индустриски објекти, патишта без соодветна заштита или инфраструктура, која може директно да влијае врз подземниот водоносен слој.
Втората заштитна зона (Зона на санитарно ограничување), најчесто ја опфаќа планината Жеден, која функционира како природен филтер и акумулација, која го храни самиот извор. Во оваа зона, строго се контролираат и се ограничуваат земјоделските активности, употребата на пестициди, хемикалии, сточарството и секаков вид сеча или ископување.
Третата заштитна зона (Зона на хигиенско-епидемиолошко набљудување) го опфаќа поширокото подрачје, во кое надлежните државни и локални институции вршат редовен мониторинг врз развојот на околните населени места, управувањето со отпадните води (изградба на канализациони системи и санација на септички јами) и квалитетот на околната почва.
„Фокус“ го интересираше како се обезбедува првата потесна заштита зона и кој е надлежен за тоа. За таа цел се обративме до ЈП „Водовод и канализација“, кое стопанисува со изворот за да добиеме одговор на следните прашања:
Како се заштитува изворот Рашче,
Кој се грижи за неговата безбедност
Колку често се прават анализи на квалитетот на водата што ја пијат скопјани
Дали се прават проверки за превенција од евентуални саботажи на водоводод и
Дали по настаните во Гостивар се зајакнати контролите и на изворот и на водоводот?
-Изворот Рашче е заштитен со физичка ограда поставена согласно безбедносните и санитарните стандарди за заштита на изворишта за вода за пиење. Покрај физичката заштита, околу изворот се воспоставени заштитни зони со строго дефиниран режим на движење и активности, со цел да се спречи какво било загадување или неовластен пристап. Во рамки на заштитата се спроведува и континуиран мониторинг на квалитетот на водата и состојбата на извориштето.
За безбедноста на изворот Рашче се грижи 24-часовно физичко обезбедување при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, кое континуирано го контролира пристапот до извориштето и реагира при секоја евентуална безбедносна закана. Дополнително, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје спроведува редовен мониторинг на изворот, додека квалитетот на водата постојано се следи преку лабораториски анализи, со цел да се обезбеди безбедна и здравствено исправна вода за пиење за граѓаните на Скопје, стои во официјалниот одговор што го добивме од „Водовод и канализација.“
Оттаму уште и велат дека каптажите на изворот се покриени со 24-часовно физичко обезбедување. Како и дека анализи за квалитетот на водата се прави секојдневно во акредитираните лаборатории на сектор Санитарна контрола.
-Согласно обврските кои се произлезени од Законот за води и Правилникот за безбедноста на водата за пиење бр.183/18, мониторингот на суровата вода, како и на водата од водоснабдителниот систем, се контролира секојдневно. Мостри за анализа на квалитетот на водата се земаат од 36 мерни места на територијата на градот. Воедно, извештаите за квалитетот на водата за пиење се испраќаат до сите релевантни институции и до јавноста, преку медиумите, потенцираат од ова скопско јавно претпријатие.
Иако, официјално не добивме бројка што се смета за доверлив податок, неофицијалните сознанија до кои дојде „Фокус“ велат дека изворот од кој излегуваат илјадници литри води во секунда и сигурно е класифициран како едно од најзначајните стратешки места во државава, го чува една мала армија од добро обучени и вооружени обезбедувачи, кои се во постојана координација со МВР за заедничко дејствување во вонредни ситуации, ако дојде до такво нешто.
ПО ГОСТИВАР, МВР ГИ ПОДИГНА МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА
Се обративме и до Министерството за внатрешни работи, каде што сакавме да добиеме информација за тоа каков е системот на заштита на т.н. стратешки инфраструктури – водоводи, хидроцентрали, брани, електропреносни системи и колку такви стратешки објекти се предмет на заштита во државата.
-Во врска со овие две прашања, Ве известуваме дека се работи за класифицирани информации, кои се однесуваат на објекти од национален интерес и витално значење за државата (или критична инфраструктура според НАТО и ЕУ терминологијата), кусо одговорија од МВР.
Полицијата ја прашавме кој е надлежен за директна заштита – дали МВР самостојно или во соработка со други институции се грижи за заштита на ваквите инфраструктури… или за тоа се ангажирани вработени за обезбедување од ЈП што стопанисуваат со нив? Како и дали е подигнато нивото на обезбедување по настаните во изворот Вруток и водоводниот систем во Гостивар?
-Ве информираме дека надлежни за заштита на „т.н. стратешки инфраструктури“ се генерално претпријатијата што стопанисуваат со нив, а кои за таа намена имаат своја чуварска служба или, пак, ангажираат агенции за обезбедување. Што се однесува, пак, на прашањето „Дали е подигнато нивото на обезбедување по настаните во изворот Вруток и водоводниот систем во Гостивар?“, ве известуваме дека по последните случувања на подрачјето на Општина Гостивар, преземени се засилени мерки за заштита и обезбедување на наведените места, велат од полицијата.
На прашањето какви ингеренции имаат обезбедувачите во случај на непосредна опасност, која може да е предизвикана намерно од човечки фактор, од МВР посочуваат на членот 45 од Законот за приватно обезбедување, во кои подетално се објаснети надлежностите.
Членот 45 од посочениот Закон ги набројува видовите овластувања што ги има обезбедувачот и во него се вели:
(1) Во вршењето физичко обезбедување, работникот за обезбедување е овластен да:
1) врши проверка на идентитет на лица при влез во имотот што го обезбедува; 2) предупреди лице да се оддалечи од имотот што го обезбедува, ако лицето неовластено се задржува во него, односно да го предупреди лицето кое со своето однесување или пропуштање да стори нешто ја загрозува сопствената или безбедноста на другите или може да предизвика оштетување на имотот што се обезбедува; 3) не дозволи влез на неповикано лице, како и да забрани неовластено снимање или внесување средства и опрема за таа намена во имотот што го обезбедува; 4)задржи и предаде на полицијата лице затечено во вршење на кривично дело за кое се гони по службена должност до доаѓањето на полицијата; 5) врши преглед на лица, предмети, возила и багаж и 6) употреби средства за присилба.
Здравствената и кризата со вода во Гостивар на површина ги извади и политичките препукувања меѓу опонентите за тоа кој како е виновен за настанатата ситуација и за последиците што произлегоа од неа. Освен стандардните секојдневни вперувања со прст, Левица повторно го реафирмираше подзаборавениот и во владина процедура заглавен законски предлог за критична инфраструктура.
Понудија свој предлог со кој побараа ваквите критични инфраструктурни места да бидат обезбедувани од армијата. По примерот на поранешната заедничка држава и поранешниот општествен систем во која најкритичните точки, како што се големите хидроцентрали (на пр. Мавровскиот систем, Вруток), акумулациите и главните извори на вода за пиење, беа под директен безбедносен надзор на државните органи. Односно Југословенска народна армија (ЈНА), Милицијата (Полицијата) и Територијалната одбрана (ТО). А, објектите беа градени со висок степен на пасивна заштита. Изворите за вода и електроенергетските постројки беа целосно оградени со високи жичени огради, со строго контролирани зони на движење и постојани пунктови со стражарски куќарки.
ЗОШТО ДОЦНИ ЗАКОНОТ ЗА КРИТИЧНА ИНФРАСТРУКТУРА
Ваквиот предлог на Левица повторно го актуализираше посочениот закон што, Македонија како полноправна членка на НАТО, има обврска да го донесе. Носител на овој законски проект, чие носење стартуваше некаде во 2022 година, беше Министерството за одбрана. „Фокус“ на оваа тема стапи во контакт и поразговара со поранешната министерка за одбрана, сегашна пратеничка Славјанка Петровска, која првично кажа дека на законот му се пристапило со систематски приод и со јавна расправа во која со свои сугестии и забелешки, покрај државните органи, учествуваа и бројни невладини организации и угледни професорски имиња специјализирани за таа област.
-Така направениот предлог го дадовме на мислење во НАТО, од каде што ни дадоа свои сугестии, кои ги вградивме во текстот на законот. За цело време на подготовката на законскиот предлог во неговата изработка беше вклучен експерт од Хрватска, со кого ги имплементиравме и последните европски директиви за критичната инфраструктура. Паралелно, го испративме на мислење и во американскиот Пентагон, од каде што добивме мислење и одредени сугестии за подобрување на предлогот, објаснува Петровска.
Таа дополнува дека сето тоа завршило некаде до средината на 2023 година по што драфт-верзијата на законот влегла во владина процедура. Биле искомуницирани сите министерства и институции надлежни за оваа материја за да се вклучат во носењето на предлогот.
-Потоа се распишаа изборите во 2024 година и целата работа застана, до денеска. Како пратеник од опозицијата поставив на двапати прашање што се случува и зошто се пролонгира рокот на носење на овој многу значаен закон, а добив писмен одговор дека се работи на отстранување на недостатоците и дека токму затоа не е влезен во собраниска процедура се уште. А, ви тврдам дека законот беше 100 отсто усогласен и тој го опфаќа и делот со водоснабдувањето и изворите на вода. А, поради спецификите на Македонија, од НАТО и Пентагон ни беше сугерирано целиот систем да се одвива во рамките на државните институции и носител да биде Министерството за одбрана, потенцира Петровска.
За ваквите тврдења од Петровска, се обративме до Министерството за одбрана за коментар. Ги прашавме зошто досега не е донесен законот за критична инфраструктура (кој, како што објасни ексминистерката за одбрана веќе неколку години е во процедура) и кога имаат намера да го поднесат, поточно, дали случајот со Гостивар ќе ги мотивира да ја забрзаат процедурата?
-Законот за критична инфраструктура, во моментов е во процес на изработка. Со Решение на министерот за одбрана, Владо Мисајловски е формирана работна група во која се вклучени претставници од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, претставници од академската заедница, стручни лица од повеќе области, експерти од пракса. Првичната предлог-верзија на овој Закон беше повлечена поради бројни забелешки од институциите.
Работната група што е формирана веќе работи на новото предлог законско решение што опфаќа отстранување на сите забелешки по кои се имаат произнесено институциите и дополнително лицата вклучени во оваа работна група работат на подобрување на целиот предлог-текст. Напоменуваме дека откако работната група ќе го подготви предлог-текстот, ќе следи јавна расправа по истиот. Согласно динамиката на работата на работната група очекуваме дека предлог законското решение до крајот на годинава ќе биде доставен во Собранието, одговорија за „Фокус“ од Одбрана.
Оттаму не го коментираа посебно предлогот од Левица – Армијата да ги чува стратешките (критичните) инфраструктури во државата. Само кусо дополнија дека секој предлог што доаѓа, независно од која политичка партија, граѓанско здружение и слично, може само дополнително да влијае врз подобрување на предлог-текстот на законското решение.
Затоа таквата идеја на партијата на Апасиев, војската да се вклучи во чувањето затоа што досегашното обезбедување се покажа нефункционално, од старт ја отфрли министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
-Дали лично сметам дека војската треба да обезбедува водоводни системи? Не. Не сметам. Тоа не е работа на Министерството за одбрана и не е работа на војската, барем не во мирнодопски услови, рече министерот за внатрешни работи.
Тошковски уште и оцени дека секоја институција во рамки на општините, која е надлежна да ги чува водоводите е должна да ги преземе сите неопходни законски мерки за водата да биде безбедна.
КОГА ЧУВАРСКАТА СЛУЖБА МОЖЕ ДА УПОТРЕБИ ОГНЕНО ОРУЖЈЕ
Членот 55 од Законот за приватно обезбедување ја регулира употребата на огнено оружје од службите на обезбедување кои ги чуваат ваквите објекти. Во него се вели:
1) Работник за обезбедување може да употреби огнено оружје само ако објективно не е во можност да ја извести полицијата и ако на друг начин не може да: 1) одбие непосреден противправен напад со кој се загрозува неговиот живот или животот на лицето кое го обезбедува или 2) одбие непосреден противправен напад на имотот што го обезбедува.
(2) За напад од ставот (1) точка 1 на овој член се смета секој физички напад на начин или со средство (огнено оружје, опасно орудие или друг сличен предмет со кој може да се загрози животот) кое претставува непосредна опасност по животот, напад кој го вршат две или повеќе лица, односно напад од очигледно физичко посилно лице или лице кое се служи со посебни вештини.
(3) За напад од ставот (1) точка 2 на овој член се смета секое дејствие насочено кон уништување, оштетување или отуѓување на имотот што се обезбедува.
(4) Пред употребата на огнено оружје, работникот за обезбедување гласно го предупредува лицето за намерата за употреба на огнено оружје.
(5) Употреба на огнено оружје е забранета: 1) доколку со тоа се доведува во опасност животот на други граѓани; 2) против бремена жена чија бременост е видлива, дете и старец, освен ако овие лица со огнено оружје или со други опасни средства непосредно го загрозуваат животот на работникот за обезбедување или на лицето кое се обезбедува и 3) при обезбедување на јавни собири и други настани.