Единственото нешто што треба да го направи Северна Македонија е да ги впише Бугарите во Уставот за да почне преговори со Европската Унија, рече бугарскиот премиер Румен Радев пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан кој денеска се одржува во црногорскиот град Тиват.
-Подготвени сме да помогнеме на секоја земја што аплицира за членство, особено на нашите браќа од Северна Македонија. Чекаме тие конечно да ја исполнат преговарачката рамка. Имаме консензус од јули 2024 година и чекаме тие конечно да го изменат Уставот и да ги вклучат Бугарите во него. Многи е едноставно. Потребно е да го направат само овој чекор за да се отвори вратата за преговарачкиот процес – рече Радев.
Како што пренесува МИА, Радев во изјава пред самитот рече дека процесот на проширување на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан треба да се темели на реални реформи и исполнување на критериумите за членство, а не на политички компромиси.
Според него, постојат два можни пристапа за забрзување на евроинтеграцијата на регионот, но дека Бугарија го поддржува моделот заснован на заслуги и конкретни резултати.
-Постои можност да направиме компромис со суштинските критериуми за членство, но тогаш ќе внесеме нови проблеми во Унијата. Ние го предлагаме другиот пат – членство врз основа на реални заслуги и придонес. Бугарија може многу да помогне со своето искуство и да им даде поддршка на институциите на овие држави за побрзо да напредуваат кон ЕУ, но процесот мора да биде одржлив и неповратен – рече тој.