Путин: Киев сè уште не покажал подготвеност за територијални отстапки и мир

by irena 11:33
11:33

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Киев не покажал подготвеност за територијални отстапки и за постигнување мир во конфликтот во Украина.

„Русија засега не гледа подготвеност од Киев да ги разгледува територијалните прашања. Киев одбива мирно да го заврши конфликтот. Русија е подготвена и сака конфликтот во Украина да заврши по мирен пат“, изјави Путин на почетокот на својата годишна прес-конференција, на која одговара на прашања од новинари и граѓани.

Тој потсети дека во 2022 година, кога ситуацијата достигнала, како што рече, „пресвртна точка“, и кога „киевскиот режим започнал војна во Донбас“, Русија нагласила дека ќе биде принудена да ги признае самопрогласените Луганска и Донецка Народна Република (ЛНР и ДНР), објави „Спутник“.

„Сè започна со државен удар во Украина“, рече Путин, одговарајќи на прашањето дали целите ќе се постигнат преку војна или мир.

Според него, украинските власти тогаш одбиле да ги повлечат своите трупи и да ги спроведат договорите од Истанбул, а и денес, како што нагласи, одбиваат мирно решавање на конфликтот.

„Сепак, Москва забележува одредени сигнали дека Киев е подготвен да се вклучи во дијалог“, додаде рускиот претседател.

Осврнувајќи се на состојбата на фронтот, Путин изјави дека повеќе од половина од украинските населени места се под контрола на руските сили.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска соопшти дека во двете недели откако е отворена линијата за прашања, пристигнале речиси три милиони прашања за Путин, а околу 600 новинари директно ја следат конференцијата.

Од 2001 година досега се одржани 18 директни линии и 16 прес-конференции, а ова е 22-ри пат Путин да ја одржи својата годишна конференција.

Слични вести