Путин до соработниците – „Во случај на неуспех, ќе ме обесат“

by irena 15:07
15:07

Според сознанијата на британскиот неделник „Економист“, во приватни разговори со најблискиот круг соработници, рускиот претседател Владимир Путин изрази длабока загриженост за сопствениот опстанок, нагласувајќи дека завршувањето на војната без постигнување барем на минималната цел – целосна окупација на украинскиот регион Донбас – директно би ја загрозило неговата власт и физичка безбедност.

Во драматично признание пред своите блиски соработници, Путин наводно рече дека доколку доживее неуспех во Украина, неговите противници или јавноста ќе го „обесат“.

Извори блиски до Кремљ наведуваат дека, по неколку неделно разгледување на опциите во текот на летото, рускиот лидер донесе одлука дополнително да го ескалира конфликтот.

Долгогодишен соработник на Путин открива дека посетата на директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, на Москва е протолкувана како знак на американска слабост, што дополнително го зацврсти убедувањето на Кремљ дека на Западот му недостасува решителност за долготраен конфликт.

Како дел од новата фаза на војната, Русија се подготвува да мобилизира дополнителни 300.000 до 400.000 војници за да ги надомести огромните загуби и да преземе нова иницијатива.

Со цел да се спречи политичко незадоволство и да се избегне отпорот што следеше по претходните јавни повици, владата планира да обезбеди нови сили преку прикриен притисок и принуда спроведени од регионалните управи. Тестирањето на овој нов, децентрализиран систем за мобилизација веќе се спроведува во регионот Пенза, каде што регионалните власти вршат притисок врз локалното население, подготвувајќи го теренот за нов масовен прилив на регрути кон фронтот.

Слични вести