Вработените во „Македонска пошта“ денеска протестираа на своите работни места поради револт од континуираното доцнење на исплатата на платите. Велат дека овој месец е пробиено дното, бидејќи и на 23 јануари сè уште не ја добиле платата.
Според претседателот на Синдикалната организација на „Пошта“, Сашо Димитриевски, околу 60 отсто од вработените земаат минимална плата. Тој најави дека протестите ќе продолжат.
„Доколку и наредниот месец се случи истото, на 15 или 16 февруари ќе застанеме со работа. Тоа не значи дека нема да преземеме и поригорозни мерки, како што е стапување во штрајк. Околу 1.700 вработени чекаат плата, а приближно 300 поштари со години немаат решен работен статус. Овој проблем во Пошта постои веќе 15-тина години. Живееме на шкрги и имаме дефинитивно лоша организација. Вработените во другите градови исто така протестираат“, изјави Димитриевски.
На протестот се обрати и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, кој порача дека работниците протестираат за исплата и на онака ниските плати.
„Срамота е луѓето да ги оставите без плата, а притоа да изигрувате шерифи, да ги напаѓате и да ги спречувате да протестираат. Нема да отстапиме од барањето платите веднаш да се исплатат, но и да се зголемат, како и вработените да добијат соодветна опрема за работа. Вината е кај раководството, кое треба веднаш да интервенира кај Владата“, изјави Трендафилов.