За книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе зборуваат Ангелина Бановиќ-Марковска, Ненад Јолдески и Оливера Ќорвезироска.
„Понекогаш се враќаат“ е шеста книга на Дурацовски – роман за една куќа и за многуте животи и смртти што минуваат низ неа; за предметите, за собите и за фиоките од кои се прелеваат приказни; за враќањето кон себе, кон корените и кон најдлабоките слоеви на сеќавањето. Тоа е роман за „калливата, но топла, удобна и сигурна провинција“, за Струга што „наликува на излупен бел бадем“, за самотијата како засолниште и за времето што никогаш не исчезнува целосно.
Димитрие Дурацовски (1952) е писател и сликар, една од најавтентичните фигури во современата македонска култура. Ѝ припаѓа на т.н. петта генерација автори што се појавија на книжевната сцена во 1980-тите години, а истовремено се смета и за предвесник на современиот концептуален ликовен израз во Македонија. Неговиот творечки опус е обележан со постмодернистичка естетика и со постојано преиспитување на границите меѓу книжевноста и визуелната уметност.
Минатата година, во издание на „Арс Ламина“, беше објавен неговиот хибриден роман „Околу три по полноќ“, прва публикација по пауза од една деценија. Книгата се појави како уникатно издание со две различни корици – празнична и делнична верзија – и беше високо оценета од читателите и од критиката. На наградите на Македонската асоцијација на издавачи, доделени на Саемот на книгата 2025, изданието го освои второто место во категоријата за највпечатлив целосен дизајн на книга за возрасни.
Романот „Понекогаш се враќаат“ е достапен во сите поголеми книжарници, како и онлајн преку www.literatura.mk.