Професори, пејачи и инфлуенсери на платен список на Државна лотарија

by irena 21:17
21:17

Од 35.000 до 60.000 денари месечно Државна лотарија на Македонија им исплаќала на надворешни лица ангажирани за вршење на определени работи, пишува порталот Инфомакс.

Според документите во кои увид имала редакцијата, бројот на тие лица е нешто помал од сто, меѓутоа официјални информации од Државната лотарија на Македонија сѐ уште не добиле.

На списоците во кои увид имал Инфомакс се појавуваат имиња на повеќе познати личности. На пример професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Борче Давитковски, пејачката Аделина Тахири која има и албанско државјанство, режисерот и истакнат активист на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Дамовски, како и инфлуенсерот Кристијан Станковски познат како Бомбакис и поранешниот член на Правна комисија на ВМРО-ДПМНЕ и дел од тогашното реформаторско крило, Глигор Чатмов.

Овие лица, според тврдењата на порталот ја чинат Државна лотарија над 4 милиони денари месечно.

Оваа тема доаѓа во период кога Државна лотарија веќе е под лупа и по други наоди за финансиско работење. Во декември 2025, СДК.мк објави дека Државниот завод за ревизија утврдил значителни неправилности за 2024 година, вклучително и сомнежи за нелогични и неоправдани сметководствени записи за трансакции од 122,49 милиони денари, како и трошоци за реклама, пропаганда и промоција од 220,8 милиони денари (околу 3,58 милиони евра), со наведени неправилности во дел од постапките. Во таков контекст, новите документи за „договорците“ ја продолжуваат линијата на прашања за контролата, критериумите и јавната отчетност во компанијата.

Слични вести