Во Основниот кривичен суд – Скопје продолжи судењето против Зоран Јованов, татко на Васил Јованов. Одбраната оспори дека постојат директни докази дека обвинетиот му го доверил возилото на својот син и оцени дека Обвинителството не било соодветно подготвено при презентирањето на доказите.
На денешното рочиште сведочеше студентка, пријателка на Васил Јованов од основно и средно училиште. Таа изјави дека на денот на трагичниот настан била со него, но дека претходно со години немале близок контакт и дека само еднаш или двапати се возела со возилото, без да разговарале за тоа дали го користел од татко му или без возачка дозвола.
Судот прикажа три видео-записи од системот „Безбеден град“. Одбраната оцени дека од нив не може со сигурност да се утврди идентитетот на лицето, ниту локацијата, и нагласи дека снимките немаат јасна доказна вредност. Судот ја остави оценката за доказната вредност за завршната фаза на постапката.
Судењето започна во јуни 2025 година, по трагичен настан од јануари истата година, кога Васил Јованов управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, удри во пешакот Фросина Кулакова на булевар „Партизански Одреди“, која почина на лице место.