Нови прегрупирања во „ВРЕДИ“ спроти најавеното претопување во еден политички субјект. Вицепремиерот Арбен Фетаи повеќе не ја предводи фракцијата на Алијанса за Албанците, која е дел од власта. На негово место, неофицијално, е именуван пратеникот Илир Демири, кој од неодамна го напушти делот на Алијансата предводен од Зијадин Села. Првично за да делува, како што најави самиот – институционално независно. Но и со интенција за да се придружи на коалицијата на власт.
Демири не беше достапен за да ги потврди ваквите најави кои го сместија на челната позиција на еден од составните делови на владејачката албанска коалиција. Извори од „ВРЕДИ“ за „Фокус“ дека на Фетаи кој се залагаше за принципот на еднаквост да важи и во идниот единствен партиски субјект, по се изгледа му е направен мини пуч. На кој, не е исклучено да му кумувале лидерите на Беса и Демократско Движење Билал Касами и Изет Меџити, кои би требало да станат копретседатели на идната партија.
Висок функционер од фракцијата за „Слободен печат“ потврди дека смената на Фетаи од челната позиција е резултат на внатрешните несогласувања, зашто Фетаи бил против трансформацијата на Вреди во партија и се залагал нивниот дел од АА да прерасне во нов политички субјект.
„Фокус“ веќе објави дека вицепремиерот Фетаи, пред извесно време има недоразбирања со министерот за здравство Азир Алиу. А, од него се дистанцирала и пратеничката Мимоза Муса, кои ја поддржуваат опцијата за трансформација на ВРЕДИ во партија, со што тој практично останува без пратеници во пратеничката група кои го поддржуваат неговиот поглед како треба да се трансформира ВРЕДИ. . Фетаи останува во фракцијата на Алијанса и по расколот. Се шпекулира дека и тој ќе го смени ставои и ќе се приклучи кон групата која е за трансформација на Вреди во партија.
Недоразбирањата во оваа фракција на Алијансата и воопшто во коалицијата произлегоа откако се интензивира процесот на трансформација на ВРЕДИ во партија, односно по предлогот од Касами и Меџити, идната партија да ја предводат тие двајца како лидери. Планот првично бил потпретседатели да бидат вицепремиерот и лидер на Алтернатива, Беким Сали, и Арбен Фетаи, но сега, според последниот развој на настаните, во игра за потпретседател влегува Илир Демири. Позицијата генерален секретар на партијата ВРЕДИ, пак, од порано му е понудена на координаторот на пратеничката група Беким Ќоку.
Освен Фетаи, со предлогот за копретседатели не се согласуваше и партијата Алтернатива која е составен дел од коалицијата ВРЕДИ. И Фетаи и Алтернатива повеќе го протежираа моделот на ротирачко претседателство со идната партија.
З.Ф.