Приватната кривична пријава против Билјана Ивановска, поранешна претседателка на Антикорупциска и актуелен кандидат за градоначалник, била поднесена во февруари, а поканата е испратена минатиот месец, бидејќи во меѓувреме се превземале други дејствија.
Вака скопското обвинителство појаснува зошто поканата на Ивановска се поклопува со моментот кога ја обздани својата кандидатура, односно појаснуваат дека поканата е пратена многу порано, на 25 јули, но МВР ја доставиле синоќа.
-Во меѓувреме се преземени многу дејствија, прибавен е конкретен предмет и извршени распити на повеќе други лица. Поканата е пратена многу пред најавата за кандидатура, велат од Обвинителството.
На прашањето зошто поканата не била пуштена по пошта, туку преку МВР, велат:
-Испраќање покани преку МВР не е невообичаена постапка и се користи често, бидејќи има проблем со редовност достава од редовната пошта. Во конкретниот случај начинот на достава е избор на предметниот јавен обвинител, одговараат од Обвинителатвото.
Претходно пак Ивановска објави:
,,По 11 часа откако ја објавив мојата кандидатура за градоначалничка на Општина Центар, полицајци затропаа на мојата врата.
Синоќа во 20:30ч двајца полицајци ме побарале да ми врачат кривична пријава, но јас не бев дома. Утринава веднаш појдов да ја подигнам Поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август.
Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со „Независни заедно“ е отпор против воспоставените антивредности на коруцпија и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација.
Ние со вашата поддршка ќе ја вратиме моќта кај граѓаните и нивното достоинство затоа што институциите треба да ни служам нам, а не на центрите чиј интерес е профитот.
Јас навреме ќе ве информирам за ситуацијата околу оваа кривична пријава, но секако, адреса на информирање е и Обвнителството како е надлежна институција, напиша Ивановска.