Предизборни додворувања – пена од сапуница

by Фокус

Разлика, сепак, постои. СДСМ е свесен за своите слабости и за немоќта сам да ги совлада многуте дефекти на системот. Свесен е дека кондицијата и волјата на другите политички партии е крајно ограничена, па затоа со сите сили беше загнат да се приближи до земјите од Европа, до нивните фондови, до нивната системска организираност и до нивниот начин на размислување и дејствување.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Фала му на Бога, се спасивме од предизборното политичко рекламирање! Партиите, секоја со својот пиар-тим, смислуваа секакви слогани и исфрлаа секакви пароли, само и само да го придобијат гласачот и да го убедат дека баш таа е оној партиски субјект што на 8 мај, откако ќе ја добие власта во свои раце, ќе го води овој народ во посреќна и побогата иднина.

Сите партии излегоа речиси со исти ветувања: борба со корупцијата и криминалот, зголемување на платите и пензиите, изградба на капитални инфраструктурни објекти… и да не редиме што сѐ е изнакажано дека ќе направат и ќе сработат во следните години − просперитет во сите области на животот.

РАЗЛИКА, СЕПАК, ПОСТОИ

Ако се погледнат наназад годините во кои кормилото на власта наизменично се преземаше од двете најголеми партии СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ со нивните придружни потпирачи ќе се види дека не постои никаков исчекор во поглед на остварувањето на секојдневните потреби на обичните граѓани.

Тие се онаа маса граѓани кои сакаат да си тераат пристоен живот, да си градат солидна кариера било во бизнисот, било во науката, образованието, уметничките дејности, и пристојно да заработуваат…

Граѓани кои во личните контакти со властите (градоначалници, министри, пратеници, судии, обвинители…) се чувствуваат понижено и огорчено поради напернатоста и ароганцијата, вообичаената некултура, незнаењето, некомпетентноста и, што е најпогубно, поради нивната незаинтересираност за нормалните скромни потреби на обичниот човек.

А, „необичниот човек“, кој има проточност во сите правци низ институционалните канали, тоа е партискиот миленик, кој не мора да има некакви специјални способности освен партиската верност и послушност. Така е со сите политички партии кога ќе дојдат на власт.

Општите еднократни предизборни додворувања кон граѓаните се пена од сапуница. Со неа не можат да се исперат валканиците на властите, како на оваа последнава на СДСМ, така и на онаа, претходната, на ВМРО-ДПМНЕ.

Разлика, сепак, постои. СДСМ е свесен за своите слабости и за немоќта сам да ги совлада многуте дефекти на системот. Свесен е дека кондицијата и волјата на другите политички партии е крајно ограничена, па затоа со сите сили беше загнат да се приближи до земјите од Европа, до нивните фондови, до нивната системска организираност и до нивниот начин на размислување и дејствување.

„БОЛНИ“ КОМПРОМИСИ

Едноставно знае дека без вклопување во Европската Унија ќе продолжи децениското бавно пропаѓање на нашата држава. Но, со тоа согледување и со практичните чекори за приближување на земјава кон ЕУ, владата на СДСМ не успеа да го убеди граѓанството реално да се загрее за европската идеја.

Некако површно ги објаснуваше предностите од членството, па Унијата за многу обични луѓе во земјава претставува нешто апстрактно, нешто далеку од нивните тековни лични интереси и од животот што го живеат.

Истовремено отстапките што ги направи владата на СДСМ и околу Преспанскиот договор и околу договорот со Бугарија беа, од страна на нејзините претставници, па и поддржувачи, некако несигурно и млако аргументирани пред граѓанството.

Дури и тие самите не ја пропуштаа можноста во јавноста со нагласена емотивност да се претставуваат како жртви, кои морале да ги направат тие „болни“ компромиси од кои душата им се кинела и стомакот им се превртувал.

Но, ете некој некогаш морал да ги донесе тие „тешки“ одлуки доколку земјава сака да оди напред. Добро, не се пријатни, но дека се толку тешки и погубни за овој народ, ви се молам, не претерувајте. Очигледно никој во оваа земја не видел што значи да се носат вистински тешки одлуки и, дај Боже, никогаш да не види.

Секоја одлука во политиката е тешка. Тешка е и одлуката на сегашната опозиција од македонскиот блок, која кај граѓанството обилно ја билда вообразеноста дека ние можеме сами без ничија помош да опстанеме, па и да се накренеме.

Убаво е да се верува дека ние сами можеме од Македонија да направиме напредна држава, со висок стандард, со јака развиена економија и со силен правен систем по што Европа самата ќе ни дојде дома. Ако ни успее тоа, навистина ќе бидеме единствената земја на која тоа ѝ пошло од рака.

Поврзани новости