Пожарот кај Прилеп локализиран, пожарникарите повеќе од 20 часа се борат со огнената стихија

by irena 13:46
13:46

Пожарот што вчера попладне избувна во месноста Заград над прилепската населба Варош е локализиран, но екипите и натаму остануваат на терен за да спречат повторно активирање на жариштата.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека пожарот бил пријавен вчера во 16:16 часот во ОВР Прилеп. Огнената стихија зафатила сува трева, викенд-куќа и околу 25 декари земјиште засадено со лешници.

На терен веднаш интервенирала Територијалната противпожарна единица Прилеп, која успеала да го локализира пожарот, по што продолжиле активностите за негово целосно гаснење.

Повеќе од 20 часа прилепските пожарникари, заедно со надлежните служби, се справуваат со пожарот над Прилеп. Интервенцијата траела до полноќ, а потоа продолжила повторно од три часот изутрината. Во моментов на терен се осум професионални пожарникари кои работат на спречување на ширењето на преостанатите жаришта.

Според информациите од терен, манастирот „Трескавец“ не е загрозен, а досега нема пријавена материјална штета на објекти и викенд-куќи. Поголемиот дел од опожарената површина е карпест терен со ниска и сува вегетација, каде речиси секоја година избувнуваат пожари.

Од Општина Прилеп соопштија дека благодарение на брзата и професионална интервенција на пожарникарите е изграден заштитен појас, со што во моментов не постои опасност огнот да се доближи до манастирот „Трескавец“.

На терен остануваат дежурни екипи на ТППЕ Прилеп, како и членови на Универзалната единица за заштита и спасување од јавните претпријатија, сертифицирани за справување со пожари. Активностите се одвиваат во координација со Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Општинскиот штаб за заштита и спасување.

Од Општината апелираат до жителите и сопствениците на имоти и викенд-куќи во овој дел на Прилеп да бидат внимателни, редовно да ја следат состојбата и да ги почитуваат препораките на надлежните институции, особено доколку дојде до повторно активирање или проширување на пожарот.

Засега не се познати причините за избувнувањето на пожарот, а нема информации ниту за повредени лица.

Слични вести