Повеќе од 400 дронови се упатија кон Москва – беа погодени објекти, повредени се цивили

by irena 09:00
09:00

Повеќе од 400 украински дронови се упатија кон Москва и московскиот регион во текот на ноќта; во серијата напади беа погодени објекти, повредени се цивили, а започната е и масовна евакуација на вработени од логистички центри.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека нападот траел од 20:30 до 05:00 часот наутро. Според него, повеќето дронови биле неутрализирани на далечните приоди кон главниот град, додека 85 летала биле соборени непосредно пред Москва.

По падот на дроновите избувнале пожари, при што биле оштетени неколку приватни куќи и цивилна инфраструктура.

Агенцијата ТАСС наведува дека обидот за напад со украински дронови врз Москва изминатата ноќ бил еден од најголемите од почетокот на војната во Украина.

„Од 20:30 до 05:00 часот, повеќе од 400 непријателски дронови летаа кон московскиот регион. Повеќето од нив беа неутрализирани од силите за противвоздушна одбрана на далечните приоди. 85 дронови беа уништени на приодите кон Москва“, соопшти Собјанин.

Претходно беше објавено дека најголемиот обид за напад врз Москва бил забележан во ноќта меѓу 6 и 7 јули оваа година, кога силите за противвоздушна одбрана собориле повеќе од 430 дронови.

Шест лица со повреди од експлозија со различна тежина се пренесени во болницата во Домодедово. Детали за нивната здравствена состојба сè уште не се објавени, а медицинските екипи продолжуваат да укажуваат помош.

Последиците од нападот се забележани во населбата Ново Домодедово, додека во Подолск беше оштетен голем логистички центар. Работниците масовно беа евакуирани од зградата додека во областа се слушаа експлозии.

За време на нападот привремено беше нарушен и воздушниот сообраќај. Воведени беа ограничувања за прифаќање и полетување на авиони на аеродромите Внуково, Домодедово и Жуковски.

Слични вести