Врховниот суд на Тајланд му нареди на влијателниот поранешен премиер и милијардер Таксин Шинаватра да отслужи една година затвор, што претставува драматичен пресврт за политичкиот моќник.
Судот пресуди дека продолжениот престој на Таксин во болница минатата година бил нелегален и му наредил да ја отслужи казната во притворен центар во Бангкок, објавува CNN.
Таксин (76) беше премиер од 2001 година до неговото соборување со воен удар во 2006 година. По 15 години самонаметнат егзил, тој драматично се врати во Тајланд во 2023 година, каде што беше осуден на осум години затвор за конфликт на интереси, злоупотреба на моќ и корупција за време на неговиот мандат.
Кралот на Тајланд, Маха Ваџиралонгкорн, подоцна му ја намали казната на една година и беше ослободен условно во февруари 2024 година, по шест месеци.
И покрај пресудата, Таксин никогаш не поминал ниту една ноќ во затворска ќелија. Тој ја отслужил казната во луксузен апартман во Општата полициска болница во Бангкок откако се пожалил на стегање во градите, висок крвен притисок и ниско ниво на кислород. Природата на неговиот притвор покрена сомнежи дека добил преференцијален третман.
Многу аналитичари веруваат дека Таксин склучил договор со моќниот конзервативен и ројалистички естаблишмент за негово враќање во замена за намалена казна. Тој се вратил истиот ден кога политичката партија на неговото семејство ја вратила власта, но тој негирал постоење на таков договор. Во вторник, Врховниот суд потврди дека престојот во болница на Таксин не се смета во издржаната казна.
Во јуни, медицинскиот одбор на Тајланд суспендираше двајца лекари кои го олесниле престојот во болница на Таксин, пресуди дека издале документи со лажни медицински информации. Затворскиот лекар беше опоменат и за неисполнување на медицинските стандарди.