Поранешен кошаркар е нов градоначалник на Сараево

by irena 11:48
11:48

Градскиот совет на Сараево го избра Самир Авдиќ, поранешен кошаркар, за нов градоначалник на главниот град на Босна и Херцеговина.

Авдиќ беше номиниран за таа позиција како член на партијата Народ и правда (НИП) од редот на Бошњаците и кандидат на коалициската тројка.

На функцијата градоначалник, тој го наследи Предраг Пухариќ од редот на Србите, кој беше избран за заменик-градоначалник во новиот мандат.

Втора заменик-градоначалничка е Мирела Џеверовиќ од Наша партија.

Така, нема Хрвати на врвните позиции во Сараево, вклучително и во Градскиот совет.

Авдиќ најави дека ќе работи за благосостојбата на сите граѓани на Сараево, подобрувањето на урбаната инфраструктура и капиталните проекти што ќе ги хармонизираат современите потреби на градот со неговото историско наследство.

Конкретните проекти, како што најави, ќе бидат зајакнати преку соработка со пријателски градови, вклучувајќи го и Загреб.

„Учеството на граѓаните ќе биде наш фокус“, рече тој.

Авдиќ е поранешен кошаркар кој ја започнал својата кариера во клубот Босна, продолжил во Шпанија и завршил во Турција. Играл и за кошаркарската репрезентација на Босна и Херцеговина.

Тој бил министер за култура и спорт на кантонот Сараево. Во 2018 година, се приклучил на партијата Народ и Правда (НиП), предводена од министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ.

Градоначалникот на Сараево се избира за четиригодишен мандат индиректно од мнозинството советници во Градскиот совет, кои пак се делегирани таму од советите на четирите општини што го сочинуваат градот и се избираат директно на локални избори.

Слични вести