Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение за поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, против кого се водеше истрага за примање поткуп.
-По спроведена сеопфатна истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, предвидено и казниво согласно Кривичниот законик, велат од Обвинителството.
Оттаму појаснуваат за што е обвинет Стафа, кој во моментот на апсењето работеше како адвокат.
-Според обвинителниот акт, обвинетиот во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, со намера да прибави противправна имотна корист, примил вкупен износ од 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание со цел да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје и преку давање поткуп да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши, велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека имајќи ги предвид неизменетите околности врз основа на кои на обвинетиот му беше определена мерката притвор, надлежниот јавниот обвинител со обвинителниот акт достави и предлог за продолжување на истата.
Стафа беше уапсен на 13 декември минатата година.
Според истрагата, во периодот од октомври до 13 декември, Стафа примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да влијае кај судија во Апелацискиот суд Скопје во врска со предмет против негов клиент – лице што го застапувал како адвокат. Намерата била преку поткуп да се влијае врз службено дејствие кое не смеело да биде преземено.
По примањето на парите, Стафа бил лишен од слобода, а кај него биле пронајдени и одземени паричните средства.
Лицето за кое поранешниот државен правобранител требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот. Стафа, кој е адвокат на Пецов во овој случај, претходно поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор во отсуство на Пецов, за што била понудена и гаранција.
В.В.