Во Клубот на пратениците почна лидерската средба што ја иницираше премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На средбата присуствуваат пратеници и претставници од коалициските партии, вклучувајќи го генералниот секретар на ЗНАМ и министер за јавна администрација Горан Минчев, градоначалникот на Тетово Биљал Касами, како и лидерите на Левица и ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја одби поканата.
Темите на средбата се реформските закони од правосудството, изборот на народен правобранител, Изборниот законик и укинување на техничката влада, како и други предлози на учесниците.
Филипче истакна дека техничката влада мора да остане како гарант за фер избори и контрола на институциите и најави дека СДСМ ќе ги поддржи реформските закони во парламентот, како и дека ќе учествува на изборите доколку бидат распишани.