Почина италијанската актерка Клаудија Кардинале

by irena 13:40
13:40

Италијанската актерка Клаудија Кардинале почина на 87-годишна возраст, објави денес Ројтерс.

Родена во Тунис во семејство со сицилијанско потекло, Кардинале ја започна својата актерска кариера во 1957 година, кога победи на натпревар за убавина во Тунис, што ѝ овозможи да присуствува на Венецискиот филмски фестивал.

По неколку помали улоги, таа стекна меѓународна слава во 1963 година, кога играше во филмовите „8 и пол“ од Федерико Фелини и „Леопард“ од Лучино Висконти.

Таа имаше успех и во Холивуд, појавувајќи се во хит филмот „Розевиот пантер“ (1963) и класичниот вестерн „Си било еднаш на дивиот запад“ (1968).

Иако доживеа пад во кариерата во 1970-тите, по разводот и новите врски, таа се врати благодарение на улогите во европските продукции, како што е мини-серијата „Исус од Назарет“ од 1977 година.

Во текот на целиот свој живот, таа беше позната и по тоа што им се спротивставуваше на општествените норми, па дури и носеше мини-здолниште на средбата со папата Павле VI.

Како сценска актерка, Кардинале продолжи да настапува доцна во својата кариера, а последен пат се појави во швајцарската серија „Бик“ во 2020 година.

Наградата за животно дело ја доби во 2002 година на Берлинскиот филмски фестивал, а во 2022 година беше објавена книга за нејзиниот живот под наслов „Клаудија Кардинале. Нескротена“.

„Живеев повеќе од 150 животи, проститутка, светица, романтичарка, секаков вид жена и прекрасно е да се има таа можност да се промениш. Работев со најважните режисери. Тие ми дадоа сè“, рече Кардинале во едно од нејзините последни интервјуа.

Слични вести