По неполн месец поднесувам оставка

Верувам дека ви станува јасно зошто неполн месец по именувањето сакав да се повлечам од функцијата министер за надворешни работи. Ми пречеа многу работи - од чадот на цигарите, кој ми предизвикуваше мигрени, до начинот на кој функционираше владата. Но, најмногу ми пречеше помислата дека товарот на одговорноста што доброволно го зедов на себе, нема да можам да го изнесам, како што ми се чинеше, меѓу толку неодговорни луѓе во државната структура.

by valentina 13:07
13:07

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

35 години независност – сеќавања на првиот министер за надворешни работи

МНР

Свеченоста помина, а во следниот ден беше закажана првата седница на експертската влада. Таа куса седница заврши со информација дека во соседната просторија нè чекаат лицата со највисоко звање во хиерархијата на државната администрација, кои, во овој интерегнум, од распуштањето на Извршниот совет на Гоговски ги воделе министерствата, за да нè одведат на новите работни места.

Највисокиот во хиерархијата на Министерството за надворешни работи беше човек кого го познавав, кој цело време нерасположено приговараше на, како што тој го доживеал, чинот на понижување, да ги „разнесуваат како во градинка“, новите министри. Како на познаник, му се извинив бидејќи навистина не беше потребно некој да доаѓа по мене, но му реков дека има министри што не знаат каде се нивните министерства.

Овој непријатен разговор траеше кратко бидејќи Министерството за надворешни работи беше во соседната зграда, на четвртиот кат од Заводот на статистика. Валканиот лифт, сличен на влезот во зградата на „Статистика“, нè однесе таму и во неколку чекори се најдов во мојата идна канцеларија.

Скромно уредена со мебел, кој бил инвентар долги години, имаше стар клима-уред, кој беше невешто наместен, така што низ процепите се гледаше улицата. Само што влеговме, високиот службеник и мој познаник, кој фактички го водеше Министерството до тој момент, сакаше да замине.

Едвај го задржав за да го прашам со кого ќе извршам примопредавање на должноста, на што ми беше кажано дека таков човек нема бидејќи поранешниот министер одеднаш ја напуштил функцијата од здравствени причини, па ресорот поминал во надлежност на некогашниот потпретседател на Извршниот совет, кого веќе го нема.

Рече и без да побара дозвола од некој што сега му беше претпоставен, замина. Замина и не се појави во следните неколку дена. Не само што нема со кого да се изврши примопредавање, помислив со неверување, туку нема ни што да се примопредава.

СТРАОТНА ОДГОВОРНОСТ

Секретарката, која потоа влезе, ми донесе куп писма и ги стави на масата. Можеби тука, преку писмената кореспонденција на Министерството, ќе се запознаам со неговата досегашна работа, помислив.

Но, кога почнав да ги отворам ковертите, на мое запрепастување, видов дека тоа беа куп сметки за вода, за струја, за парно, потоа некакви жалби и тужби…

Ја замолив секретарката да го проследи купот на службите во Министерството, кое броеше само триесетина вработени сосе техничкиот персонал, ако не се лажам.

„Но, сите поранешни министри бараа сета пошта до МНР да дојде во нивни раце“, прокоментира секретарката, земајќи ја сета кореспонденција од масата. „За ова ќе немам време, зашто нè чекаат важни задачи“, одговорив убеден во тоа што го велам, но без јасна претстава како и каде да почнам.

Седнат сам во канцеларијата, размислував за страотната одговорност со која се нагрбив и, се разбира, горко се покајав.

Во еден од следните денови, во ходникот сретнав познаник, вработен во МНР и го замолив да ме поведе по канцелариите за да се запознаам со вработените и да добијам ориентација, ако не во друго, барем во просторот и персоналот.

Ми стануваше јасно дека некогашниот Комитет за односи со странство бил транзитно место на тие што се упатувале на работа во „вистинското“ Министерство, она сојузното во Белград.

Значи, примопредавање дефинитивно нема да има зашто нема што да се предаде, помислив за последен пат, конечно ослободувајќи се од мислата што ме опседнуваше.

Исто така, ми стануваше јасно дека, кога се работи за некои од вработените во Министерството, ќе мора да се справувам и со темната страна на човечката природа, како што се зависта, да не речам злобата или омразата.

НОВА ОРГАНИЗАЦИЈА

Почнав со свикување редовни колегиуми на кои бев информирам за тековните работи на двата сектори: политичкиот и економскиот. Каде е факсот, иновација на тоа време, прашав. Во „Центарот“ беше одговорот, а Министерството нема свој факс.

Никогаш не утврдив каде е тој фамозен „Центар“, каде што, претпоставувам, пристигнувале или од каде што се испраќале дописи од и до сите министерства во Владата, но побарав итно да купиме факс за Министерството.

Тоа се случи со големи маки, а откога се случи, ролни хартија се тркалаа по ходникот, од малата застаклена просторија веднаш до скалите, на која никој не обрнуваше внимание.

Зар и за ова треба да се грижи министерот, помислив, и каде е самоиницијативата произлезена, ако не од друго, од некаков страв за својата и иднината на своите семејства. Ништо од тоа, атмосферата беше лежерна, како насилствата во другите делови на федерацијата да не се однесуваат на нас.

Предложив нова организација на Министерството по углед на малите успешни држави во Европа, меѓутоа сè се одвиваше некако мачно и бавно и без ентузијазам од вработените. Луѓето беа недоверливи и, во отсутво на сведоци, понекогаш знаеја да се кодошат за тоа „кој (од вработените) чиј човек (од власта) бил.“

Тогаш се правев дека не ги слушам тие озборувања и бргу преминував на други теми, но подоцна се покажа дека во многу случаи, раководните луѓе во Министерството навистина беа „нечии“ луѓе во политиката.

За мене, тој факт беше потврда дека допрва треба да го изодиме патот до професионална и независна администрација, која својата лојалност автоматски ја пренесува на министер избран во парламентот, почитувајќи ја така волјата на народот искажана на избори.

Кога го прашав одговорниот за економскиот сектор, каде што се издаваа дозволи за увозни контингенти, како ќе се заштити од надворешни обиди да се корумпираат неговите потчинети, луто ми одговори дека го навредувам зашто немам доверба во него и замина (без дозвола).

Никогаш не бев сигурен што ќе се случи со писмото што ќе го проследев надвор од мојата канцеларија, а слободниот пристап на невработени во институција лоцирана во центарот на градот ме принуди да инсистирам на контрола и на беџови за идентификација.

До ден денес не знам дали успеав во тоа тогаш. Но, бидејќи сфатив дека изградбата на модерна и ефикасна државна администрација е процес што ќе потрае, решив да работам на две коловозни ленти – една бавна и една брза. Едноставно, тоа го налагаа околностите.

„СЕ ИЗМЕРИЈА ЛИ“? 

Особено откога се свика Конференцијата за Југославија, која ми наметна темпо што Американците или Англичаните би го нарекле run for your life.

На бавната лента го ставив Министерството за односи со странство со сите, кои на повикот да се работи, сè нешто офкаа и се туфкаа или бараа лична промоција, додека јас се опкружив со неколку поединци, во кои имав доверба зашто беа подготвени да трчаат со мене.

Тоа предизвика незадоволство кај истите оние на кои им нудев да трчаат со мене, но тоа го одбиваа под најразлични изговори. А вистинската причина беше дека и во тие опасни или можеби токму поради тие опасни времиња, девизата на многумина во државната администрација беше „гледај си сеир.“

ВЛАДАТА

Атмосферата во владата беше приказна за себе, која се вклопуваше во општиот амбиент на парализа и очекување: што ќе биде со Југославија и со Македонија.

Составена по некаков принцип на помирување – од националисти и комунисти, или нивни деца, кои беа Македонци и Албанци. Владата, сепак, не ја произведуваше саканата политичка рамнотежа во праксата.

Набргу почна поларизацијата на двете линии – македонско-албанската и „комунистичко-националната.“ Во јавноста се појавија првите коментари за несогласувања, а веднаш потоа – кој е кодошот во владата. Зошто од владата, помислив.

Имено, на тие почетоци, покрај членовите на владата, на седниците присуствуваа и акредитирани новинари и луѓе вработени во администрацијата седнати во кругот столови зад нас.

Си спомнувам дека на првата седница, додека мене ми се тресеа колената заземајќи го своето место, овие луѓе беа расположени и насмеани, и безгрижно си прикажуваа нешто меѓусебе.

Дури години подоцна разбрав на што се однесувал коментарот, кој предизвикуваше придушена смеа кај нив – „Се измерија ли, се измерија…?“.

Тие, всушност, се обложиле кој министер колку ќе се здебели на функцијата и за колку време, игра што ја играле со сите претходни владини во социјализмот, а по изгледот на мнозина од нив што поминале извесно време во политиката, не без основа.

ЦИГАРИ И СЕНДВИЧИ 

Со сета должна почит кон нашата државна администрација и кон поединци што беа на ниво, ама за првпат се соочив со толкав број преведувачи што не го знаат јазикот што го преведуваат, возачи што не знаат да возат, одговорни за протокол, кои не знаеја што е протокол, дактилографи што не знаат да чукаат…

На седниците на владата се пушеше, а некогаш, кога седниците траеја подолго, во текот на работата се носеше скара во форма на огромни сендвичи, за кои не постоеше човечка уста способна да ги загризе, па се распарчуваа врз белиот лист хартија распослан врз зелената чоја, што, заедно со цигарите, дополнително ја засмрдуваше атмосферата.

Во тие попладневни и вечерни седници, работата на владата се прекинуваше за да се гледаат вести на ЈРТ – Белград, нашиот единствен извор на информации, за почетоците на граѓанската војна во Југославија.

Забележав дека различни членови на владата, различно ја доживуваа смртта на Југославија. Некои со радост, други со рамнодушност, трети со грижа и жалење.

На една таква вечерна седница, додека сите очи беа свртени кон телевизорот пред нас, еден член на владата, со ишарет, охрабруван од колега што седеше до него, се прикраде до сликата на Тито поставена во заднината на просторијата, ја симна од ѕидот и ја турна во ќош. Потоа, тивко, во два чекори, се најде во својата министерска фотелја и со израз на лицето како ништо да не се случило, му намигна на истомисленикот.

На седница на владата не се расправаа прашања од стратешко значење за надворешната политика на државата. Тоа беше во надлежност на претседателот на државата.

Сепак, повремено се покренуваа организациони прашања врзани за Министерството за односи со странство, како што гласеше официјалното име на институцијата.

ЈА СКЛОПИВ ОСТАВКАТА

На седница во 1991 година сум запишал во моите белешки, дискусија за МОС во која учествуваат Кљусев, Ристовски, Ангелов, Миљовски и Петрески. Расправата е за критериумите за прием во дипломатската служба.

Некој во дебатата бара од мене „критички однос кон кадрите за чие вработување решавале ЦК и Внатрешни“, друг „дали МОС е херметички затворена институција што сака да ни ја наметне стариот режим.“

Не сум сочувал белешки за моите одговори, но сигурно биле на линија дека сум го бранел искуството на „старите кадри“, толку потребни за потфатот што нè чекаше – меѓународно признавање на македонската држава.

Верувам дека, читајќи, ви станува јасно зошто неполн месец по именувањето сакав да се повлечам од функцијата министер за надворешни работи. Ми пречеа многу работи – од чадот на цигарите, кој ми предизвикуваше мигрени, до начинот на кој функционираше владата.

Но, најмногу ми пречеше помислата дека товарот на одговорноста што доброволно го зедов на себе нема да можам да го изнесам, како што ми се чинеше, меѓу толку неодговорни луѓе во државната структура. Или, да не бидам толку остар, со луѓе што сосема поинаку ја разбираа одговорноста.

Некако ја склопив оставката на лист хартија и му ја дадов на премиерот Кљусев. Тој, без да ја погледне, ја тутна во внатрешниот џеб на сакото со коментар, кој изнуди насмевка на моето лице. „Немој, чекај, дај си време да изградиш антитела.“

Очигледно и нему не му било лесно во улогата на политичар, меѓутоа жовијалноста со која го носеше премиерскиот товар, во низа ситуации, мене ми личеше на опасна наивност. Подоцна, разбрав дека премиерот Кљусев го информирал претседателот Глигоров за мојата оставка. Претседателот, кој имаше други планови за мене, ја отфрлил помислата да заминам од Владата.

(Продолжува)

 

Слични вести