По децении запуштеност, ќе се реконструира спортската сала „Македонија“ во Прилеп

by irena 16:37
16:37

По децении запуштеност, спортската сала „Македонија“ во Прилеп конечно ќе добие целосна реконструкција. Проектот на Министерството за спорт, предвиден во рамките на Програмата за изградба, реконструкција и санација на спортски објекти за 2026 година, има за цел да обезбеди современи услови за спорт, тренинг и рекреација за младите, спортистите и сите љубители на спортот, соопштија од Министерството.

Спортската сала се наоѓа на улицата „Цане Кузмановски“, во урбано подрачје со добра сообраќајна поврзаност со останатиот дел од градот. Изградена е во 1978 година, а во 1993 година била зафатена од пожар, по што била обновена и реконструирана неколку години подоцна. Денес објектот е во незадоволителна состојба и не се користи во целост за намената за која е изграден, поради што е предвидена негова целосна реконструкција.

Салата е наменета за одржување спортски и рекреативни активности во повеќе спортови, меѓу кои ракомет, куглање, одбојка, кик-бокс, борење и мал фудбал.

Според проектната документација, просторот за игра е димензиониран според ракометно игралиште со должина од 40 метри и ширина од 20,33 метри, додека висината до највисоката точка изнесува 13,90 метри. Предвиден е заштитен појас од два метра зад головите и по 1,20 метри по должина на страничните линии на салата.

По реконструкцијата, спортскиот објект ќе располага со 1.959 седишта за публика, распоредени во 15 реда од двете страни на теренот. Покрај посебните влезови за публика, професионални спортисти и корисници на рекреативните содржини, предвидени се и соодветни пристапи за лицата со попреченост.

Проектот не опфаќа само архитектонска реконструкција, туку и зафати во електричните инсталации, водоводот и канализацијата, како и во термотехничките системи. За објектот веќе е изработена техничка документација за основен проект за реконструкција и санација, со намена Б6 – спорт и рекреација.

Предвидената вредност на реконструкцијата изнесува 180 милиони денари со вклучен ДДВ. Средствата се планирани да се исплаќаат во три фази: два милиона денари во 2026 година, 89 милиони денари во 2027 година и уште 89 милиони денари во 2028 година.

Слични вести