По дури 17,5 години поминати во затвор, 71-годишната Шефије Јакупи од селото Зајас, Кичево, доби помилување од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, со што казната и се намалува за 1 година и 6 месец. Бидејќи оваа зтвореничка беше осудена на 20-годишна затворска казна, ова значи дека набрзо таа ќе излезе на слобода.
,,Фокус” пред четири години ја посети Шефије во женскиот затвор во ,,Идризово”. Тогаш не испрати со молба некој да ја слушне нејзината приказна, да и се смилува и да ја пушти порано, бидејќи како што велеше не сака да умре во затворот.
ГЕРМАНСКИОТ СОН СЕ ПРЕТВОРИЛ ВО КОШМАР
Животната приказна на оваа старица е тажна и мрачна, од која на моменти се заледува крвта.
Кога имала 18 години ја омажиле со стројници за 24-годишниот Абаз. Идните животни сопатници за првпат се виделе на венчавката, а набргу потоа заминале да живеат во Германија. Но, наместо да го живеат германскиот сон, нивната судбина најмногу наликува на сценарио за филм, и тоа хорор.
По 34-години брак, Шефије, едно утро ја зела секирата и го убила сопругот. Откако се уверила дека веќе не дише, го искасапила, поточно го исекла на парчиња со електричен сечач за леб. Поголемиот дел од остатоците од телото ги спакувала во црна вреќа, која ја фрлила во контејнер. Поситните делови од телото, пак, ги фрлила во веце-шолја.
Телото на Абаз никогаш не било најдено, бидејќи завршило во дробалката на камионот за ѓубре. Сведоштво за страшниот чин биле само остатоците што ја затнале канализацијата, во зградата во германскиот град Дизелдорф.
По убиството, жената се вратила во Кичево, а полицијата ја најде во психијатриската болница во Демир Хисар.
ШЕФИЈЕ: БЕВ ЦЕЛАТА ВО КРВ, САЛАТА ГО НАПРАВИВ
Кога во 2008 година, јавноста дозна за ова грозоморно убиство, Шефије беше нарекувана монструм, касапка…
Кога, пак, ја посетивме во нејзината затворска ќелија таа на прв поглед наликуваше на кротка и пријатна бабичка. Со задоволство прифати да ја раскаже својата животна приказна. Седна од спротива, и одвреме-навреме, стискајќи го со рацете топлиот елек што го носеше, без проблем се наврати назад низ годините.
-Ме тепаше, пиеше, одеше по швалерки… Дури четирипати лежев во болница откако ќе ме претепаше. Трпев, трпев со години, но еден ден веќе не можев, ја почна приказната Шефије.
Таа како денес се сеќаваше на кобниот ден кога со свои раце му го одзела животот на својот маж. Според пресудата, таа го убила Абаз додека спиел, но таа негира.
-Беше 18 декември 2007 година. Станав утрото, а тој не ми даваше корка леб. Ме заклучи во собата од 8 до 14.30 часот. Ме тепаше, а во еден момент додека се туркавме , со секира ме исече на раката. Некако успеав да му ја земам секирата и ја забодев во него, објаснуваше нашата соговорничка.
Без воздржаност, таа раскажа и дека по убиството го искасапила телото, деловите ги собрала во црна вреќа и ги фрлила во контејнер. Додека, пак, крвта и ситните остатоци ги собрала и ги фрлила во веце-шолјата.
-Бев целата во крв, салата го направив, рече Шефије, правејќи движење со раката, како при сечкање.
И додека се соземав од шокот, а особено од леснотијата со која осуденичката раскажуваше, ја прашав што чувствувала во тој момент?
-Чувствував олеснување, ослободување… Работата беше дојдена до таму што повеќе не можев да го гледам, гласот не можев повеќе да му го слушам, велеше, со чувство на горчина и омраза.
Како што посочи, оттогаш, иако е зад решетки, живее без страв.
-Како бебе спијам, без страв, вели таа.
НЕ САКАМ ДА УМРАМ В ЗАТВОР!
По извршеното злосторство и сокривањето на трагите, таа се вратила во Кичево. На 3 јануари, нејзината сосетка, без да знае што сторила, ја однела во психијатриската болница во која се лекувала и претходно, односно била сместена и во 2004 година, со параноидно депресивни симптоми.
Потоа, следувало судењето, за кое осуденичката вели дека ништо не разбрала. Тогаш речиси воопшто не го разбирала македонскиот јазик, а како што вели, од помош не ѝ бил ниту преводот на албански.
-Ме осудија на 15 години затвор, а Апелација ми ја зголеми казната за уште 5 години. Тука сум веќе 13 години, раскажуваше Шефије при посетата во 2022 година.
Од Управата на затворот тогаш ни појаснуваа дека нејзините барања за помилување досега биле одбивани, а, иако има право на слободен викенд, таа не излегува, бидејќи нема каде да оди. Во куќата во Кичево со години не влегол човек, а немало ниту струја и вода. Децата, двете ќерки и син, пак, ѝ живеат во Германија, а една од ретките посети ја имала во 2019 година.
Шефије, која има најдолг стаж во женскиот затвор, речиси две децении не стапнала надвор од ѕидините. На раката има часовник, но ретко погледнува во него. За неа времето како да застанало.
За тоа што се случува надвор се информира од телевизорот што го има и во својата соба. Истакнува дека редовно гледа вести и серии. Ама посочува и дека најмногу сака да спие.
Тогаш не испрати со молба да ја раскажеме нејзината животна сага, среќна дека по толку години некој се сетил на неа. Вели дека сѐ уште има надеж дека некој ќе се смилува и ќе ѝ дозволи по толку години поминати во затвор да излезе на слобода. Затоа и нѐ испрати со зборовите:
„Не сакам да умрам тука!“.
Валентина ВУРМО