Петровска: На СДСМ му се потребни реформи, ќе доставиме стратегија до раководството

by vlatko 09:23
09:23

Една изборна единица и отворени листи е еден од заклучоците произлезени од трибината на платформата „Разговори за иднината 12:05“, вели пратеничката на СДСМ и претставничка на иницијативата, Славјанка Петровска.

-Знаењето, капацитетот и личниот интегритет на секој што ќе се најде на листите треба да е поважен од лојалноста кон лидерот и раководството- рече Петровска на Сител, додавајќи дека интересот на членовите на платформата е подобра Македонија.

Таа го повтори ставот дека актуелната влада ја рангираат како најнеспособната и дека иницијативата настанала поради тоа што не е доволно само да се констатира и дебатира, туку да се дејствува.

-Клучот за оваа власт, па и која било, е да почувствува дека има сериозна закана, конкуренција, е да има силна опозиција која тоа ќе го направи. Ме радува тоа што голем дел од учесниците не се и не биле дел од СДСМ, од формалните структури, можеби биле поддржувачи, а некои од нив не се ниту поддржувачи – забележуваат дека главна опозициска партија или она што треба да биде двигател на опозициското движење во Македонија треба да е СДСМ.

Но, за жал, според нивните оценки, тоа не е. Бидејќи поминаа две години од новото раководство на СДСМ, се детектираа сериозни пропусти во начинот на водење политики и носење одлуки и во кадровските политики кои резултираа со исклучително лоши резултати на локалните избори, се наметна прашањето дека на СДСМ му се потребни сериозни реформи, ако сака да биде тоа што навистина треба да биде – рече Петровска.

Таа посочи дека за проблемите што ги нотирале неколкупати разговарале со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, но биле одбиени. Во текот на следната недела, како што рече, до раководството на СДСМ ќе биде доставена стратегијата за реформи.

-Нема да чекаме повик, ќе биде доставена, но принципиелно рековме до тој момент нема да објавуваме ништо. Ќе оставиме претседателот на партијата да ја разгледа. Дали ќе му треба еден , два дена, еден час или десет минути, тоа е негово. Дали ќе ја искомуницира со јавноста или не, оставаме на него.

Но, апсолутно нема да оставиме работите да бидат вака и СДСМ и понатаму поради лошата политика да остане заложник на ВМРО-ДПМНЕ и да биде штитот кој само го купува времето на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да останат на власт – истакна Петровска.

Слични вести