На новогодишната ноќ седум лица, од кои пет деца и двајца мажи во 50-ти години, се здобиле со повреди на рацете од испукани петарди. На дел од нив поради сериозноста на повредите им биле импутирани прстите.
„На Ургентниот центар беа примени три деца, на Детска клиника два деца, а на Клиниката за пластична хирургија двајца возрасни мажи. За жал, дел од нив имаа сериозни повреди, поради што мораше да им биде извршена импутација на прстите“, рече министерот за здравство Азир Алиу.
Директорката ан Клиниката за пластична хирургија Јасмина Ѓоргиевска-Павловска кажа дека изминатиот месец заедно со Министерството за внатрешни работи ја спровеле едукативната кампања „Кажи не на пиротехника“ низ училиштата за штетноста и сериозните повреди со кои можат да се здобијат децата.
„Сметам дека оваа кампања даде резултати бидејќи имаме намалување на бројот на повредени. Кај нас на Клиниката беа примени двајца мажи, едниот на возраст од 58 години, кој му покажувал на внукот како се пука петарда, а вториот е 50-годишен маж, на кого му експлодирала петарда во раката додека ја земал од детето. И на двајцата им беше извршена импутација на прстите“, рече Ѓоргиевска-Павловска.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кажа дека во 2025 се запленети 252.000 парчиња пиротехника, а лишени од слобода се 37 лица, за кои се поднесени 37 кривични пријави.
-За жал и покрај тоа што се зголемени превентивните кампањи, покрај тоа што е зголемена превентивната активност, јас сум жител на градот Скопје и констатирам дека навистина има доста употреба на пиротехника. И сум лично на размислување во делот на заострување на казнена политика која што е поврзана со, особено со ваков тип на криминал и нелегални дејности, во делот на санкционирање на оние коишто тргуваат, увезуваат, шверцуваат, продаваат или на било каков начин допринесуваат пиротехниката да заврши во рацете на дечињата, изјави Тошковски.
Министерот потврди дека во една од акциите за заплена на пиротехнички средства бил вмешан и полициски службеник.
-Согласно информациите што ги имаме, тој бил дел од групата за која постои сомнеж дека нелегално ги внесувала пиротехничките средства во Македонија. Мислам дека на територија на СВР Велес првично беше запленето и откриено она што е поврзано со нелегална пиротехника. Индициите и доказите што ги имаме до овој момент се во насока на она што е споделено со јавноста – дека истиот учествувал во рамки на нелегални дејствија поврзани со внесување и транспорт на пиротехника, рече министерот.