Песков: Западот ја продолжува својата воинствена и агресивна политика кон Русија

by irena 20:09
20:09

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека западните земји продолжуваат со, како што оцени, „воинствена и агресивна политика“ кон Русија, посочувајќи на неодамнешните изјави на западни лидери.

„Земајќи ја предвид линијата што ја спроведуваат западните земји, можеме да кажеме дека воинствената и агресивна линија кон нашата земја продолжува“, изјави Песков пред новинарите, пренесуваат руските медиуми.

Според него, дел од западните политичари се залагаат за продолжување на конфликтот во Украина и создаваат погрешна слика пред своите граѓани дека Русија може да биде воено поразена.

„Тие се истакнаа во последните денови со воинствени изјави. Сакаат војната да продолжи и ги убедуваат своите гласачи дека Русија може да биде поразена. Тоа е огромна измама“, рече Песков.

Тој додаде дека Москва, во такви околности, мора да презема мерки за кои смета дека се неопходни за обезбедување на безбедноста на земјата.

Песков истовремено тврди дека Русија останува отворена за мирно решавање на конфликтот во Украина, но дека доколку не постојат услови за тоа, руските воени операции ќе продолжат.

„Русија продолжува да биде отворена за мирни средства за решавање, но во отсуство на такви можности, ја продолжуваме специјалната воена операција“, изјави тој, користејќи го официјалниот термин на Москва за руската инвазија врз Украина.

Коментирајќи ги можните предлози во рамките на мировниот процес, меѓу кои и идејата за создавање тампон-зона во Донбас, Песков рече дека Кремљ нема намера јавно да ги открива деталите од разговорите.

„Деталите што може да се појават во различните предлози за модалитетите на мировниот процес не се објавуваат јавно“, рече тој.

Портпаролот на Кремљ додаде дека во моментов не гледа доволно причини за оптимизам околу можноста за брзо постигнување мировно решение. Според неговите тврдења, западните лидери не ја земаат предвид актуелната состојба на фронтот во Украина.

Слични вести