Парите господа!

by Фокус

Значи, јас „гласам“ за измените во Кривичниот законик. Гласам за оние 200-300 криминалци да излезат од затвор и 200-300 криминалци да не влезат во затвор за да се спасат повеќе од 2 милиони чесни граѓани, кои ни криви ни должни може наскоро да се најдат „в затвор“.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Во литературата, како и во животот, секоја творба мора да има тема и идеја. Ако отстрана ја посматраме нашата држава како еден вид творба и тргнеме да ги одредиме темата и идејата на таа творба ќе видиме дека на тоа „литературно дело“ му недостасува идеја.

Тема има, барем како што вербално сите ја лоцираме уште во насловот „Македонија во ЕУ, реформи, подобар живот и напредок“ – но идеја нема! Односно нема една заедничка концизна, државна идеја, таканаречена „консензус“, за начинот како да се стигне до тој подобар живот за граѓаните на оваа земја.

Во недостиг од таа општодржавна идеја изградена од сите релевантни политички чинители со помош на пријателите од меѓународната заедница, во еден таков кошмарен, растргнат, хистеричен амбиент какво што е нашево секојдневие, секоја идеја што ќе има за функција да го потпомогне остварувањето на главната идеја, колку на прв поглед и да изгледа сомнителна, валкана и штетна за правниот поредок на државата, сепак ќе си најде заобиколен, логичен пат да придонесе кон остварувањето на главната цел.

Дали ќе си најде оправдание, тоа е прашање околу кое спорат повеќето лингвисти и филозофи кога се фаќаат за реченицата „Целта ги оправдува средствата“ на големиот италијански филозоф Макијавели, а која според буквалниот превод гласела: „Целта ги одредува средствата“.

Е сега, со каква цел преку ноќ се донесени измените на Кривичниот закон околу намалувањето на казните за сторените кривични дела, без претходна широка дебата и згора на тоа со европско знаменце?

ФРЛИ РИПЧЕ ЗА ДА ФАТИШ КРАПЧЕ

Би рекла, со една обична, проста, рибарска филозофија – да фрлиш рипче за да фатиш крапче. Дотука ни е дојдена работата.

Во еден масивен гнилеж на правосудниот систем, особено на Советот на јавни обвинители и на Судскиот совет, со нивниот, благо речено, просечен интелектуален капацитет, стручна збрканост, неелоквентност и сиромашка општа култивираност, не може да се очекува нешто повеќе кога самите тие се однесуваат како активисти од некогашните месни заедници.

Оттука и не ме чуди што никој од нив не побарал мислење за споменатите измени, чија суштина мириса на блага амнестија.

Уште одамна имам пишувано за казненото законодавство кај нас. Криминалците кои со качулки и најлон-чорапи пљачкаат некој имот, додека тој имот не е мој, и не ме потресуваа премногу.

Но, кога се соочив со празната кутија од накитот во која стоеја лирите дарувани на децата и внуците од бабите, венчалниот накит и пар прстени и ланчиња со емотивно значење, е тогаш ја сфатив сета немоќ на опљачканиот човек. Криминалецот фатен и приведен, но од накитот ни трага, стопен некаде низ златарниците. Толку.

Дали таа личност ја осудија со затворска казна не ме интересираше кога она што ми припаѓаше мене го снема засекогаш.

КОНФИСКАЦИЈА ДРАГИ МОИ

Тогаш сфатив дека затворот, особено долгогодишниот, нема речиси никаква смисла ако нема начин да се врати украденото, во која било форма.

Истото чувство го имам кога се работи за кражба од буџетот на државата. Затворот, како воспитна мерка за еден криминалец, дали одрпан со качулка на глава или во брендиран костум, лакирани чевли и лимузина со шофер, за мене нема никакво фајде. Парите, господа!

Вилите, куќите, деловните згради, колите, златото, банкарските сметки, тоа се бара ако се сака, ама ако вистински се сака да се спречат корупцијата и криминалот во државава.

На нашинцине што се надвор душата им знае како чесно се печалат троа поголемите пари − не знаат ни ден ни ноќ, ни деца ни фамилија, ниту пак некој лагоден живот.

А овие − ќе си „одмораат“ по затворите, па уште ние како граѓани треба да ги раниме, да ги бањаме, да ги топлиме, да ги лечиме, за кога ќе излезат да си уживаат во богатството што си го „заслужиле“ со тешкиот затворски кулук.Конфискација, драги мои!!! И тоа, одерување до гола кожа, па да видиме дали така масовно ќе го брцаат рачето во медот.

Значи, јас „гласам“ за измените во Кривичниот законик. Гласам за оние 200 − 300 криминалци да излезат од затвор и 200 − 300 криминалци да не влезат во затвор за да се спасат повеќе од 2 милиони чесни граѓани кои ни криви ни должни може наскоро да се најдат „в затвор“.

Очигледно, целта ги одреди средствата. Дали ќе ги оправда, времето ќе покаже.

Поврзани новости