Микробиологот Никола Пановски преку објава на социјалните мрежи реагираше на изјавата на министерот за здравство Сашо Клековски, кој ги повика лекарите што не се епидемиолози и инфектолози да не даваат совети за состојбата со водата во Гостивар.
Пановски јавно побара министерот да ги извести медиумите повеќе да не го бараат за изјави и коментари, оценувајќи дека јавноста отсега треба да ја информираат исклучиво епидемиолози и инфектолози.
„Јавно го замолувам министерот за здравство да ги предупреди медиумите да не ме бараат повеќе за совети и изјави. Од денес нека си бараат исклучиво епидемиолози и инфектолози. Многу би ви бил благодарен, зашто навистина ми е тешко да ги одбијам, а тие инсистираат“, напиша Пановски.
Тој додава дека во изминатите денови дал бројни изјави за телевизии, радија и портали, а на дел од медиумите им се извинил бидејќи не можел да одговори на сите барања.
Во објавата посочува и дека дел од неговите препораки биле прифатени, но со задоцнување.
„Мојот прв совет, да прогласите епидемија, го прифативте по 10 часа. Истата требаше да се прогласи два дена порано. Мојот втор совет, веднаш да се објават резултатите, ОЈО го прифати по 10 часа“, наведува Пановски.
Тој прашува и зошто за присуството на фекални бактерии во јавноста говореле лица кои, како што вели, не се доктори по медицина.
На крајот од објавата, во ироничен тон, додава:
„Мој последен совет, покрај епидемиолози и инфектолози, ставете и стоматолози.“
Клековски: Доктори кои не се епидемиолози и инфектолози да не даваат совети заради лајкови