Осмомартовски марш во Скопје под слоганот „Нема да нè снема“

by irena 22:34
22:34

По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, в недела во центарот на Скопје ќе се одржи традиционалниот осмомартовски марш за женски права. Маршот, кој го организираат повеќе здруженија и активистки, ќе започне во 12 часот во парк „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против фактичкото и фигуративното бришење на жените од јавниот и историскиот простор.

Годинашниот слоган „Нема да нè снема“ ја истакнува, како што велат организаторките, непоколебливата и нужна борба на жените за опстојување во систем што ја загрозува нивната безбедност, не обезбедува соодветна заштита од насилство и ги турка на маргините на општеството.

Во прогласот се посочува дека жените често се невидливи и потценети, нивниот труд е помалку платен или непризнат, а особено ранливи се оние што работат хонорарно, без здравствено, социјално и пензиско осигурување. Организаторките нагласуваат и дека економската нееднаквост е евидентна – на секои десет вработени мажи, има само седум вработени жени.

Тие потсетуваат дека минатата година биле регистрирани пет фемициди и рекорден број случаи на родово-базирано насилство во последните пет години, додека и годинава продолжиле нови случаи во кои жените, и покрај пријавувањето, останале без институционална заштита.

Во соопштението се наведува и дека продолжува дискриминацијата и негрижата кон трудниците, земјоделките, работничките и невработените жени, додека јавниот простор е преплавен со дезинформации што го релативизираат насилството и ја искривуваат суштината на родовата еднаквост. Според организаторките, институционалните пропусти и избегнувањето одговорност најчесто се плаќаат со здравјето и животот на жените.

Дополнително, тие предупредуваат на растечката милитаризација на општеството, засилувањето на националистички и фашистички говор, како и последиците од војните и еколошките катастрофи, чиј товар најчесто го носат жените.

„Затоа на 8 март повикуваме да маршираме заедно, за да покажеме дека се сеќаваме, бележиме и продолжуваме да постоиме и да се бориме. По улиците на нашите градови ќе порачаме: Нема да нè снема“, порачуваат организаторките.

Слични вести