„Османи е далеку од втор мандат бидејќи не успеа да се претстави како симбол на единство“

by irena 21:08
21:08

Актуелната претседателка на Косово, Вјоса Османи, е далеку од втор мандат бидејќи не успеа да се претстави како симбол на политичко единство, како во однос на опозицијата, така и во однос на малцинските заедници, изјави денес директорот на Косовскиот институт за истражување и развој на политики, Љуљзим Пеци.

Тој изјави за приштинската телевизија КТВ дека Османи „има компетентност во меѓународните односи и добра академска подготовка“, но дека „не успеала да го претстави единството на народот“.

„Кога сте шеф на државата, мора да ја водите земјата во духот пропишан со Уставот. Доколку Османи не ги беше направил овие грешки, и во однос на позицијата и опозицијата, немаше да има проблем да добие втор мандат. Сега се чини дека е далеку од тоа“, рече Пеци.

Тој оцени дека прашањето за избор на претседател на Косово треба да се реши преку политички договор, наведувајќи дека дури и нови парламентарни избори нема автоматски да го решат прашањето, „бидејќи е невозможно една партија да обезбеди 70 пратеници“.

„Идниот претседател треба да има висока компетентност во меѓународните односи, како лидер на надворешната политика, како и знаење во областа на безбедноста, истовремено како командант на Косовските безбедносни сили“, рече Пеци.

Тој наведе други правни и политички овластувања, нагласувајќи дека претседателот треба да биде симбол на единство.

Слични вести