Османи: ДУИ ќе инсистира на избори напролет

by irena 21:25
21:25

Поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, остро ја критикува одлуката во октомври да нема предвремени парламентарни избори, туку само локални и ја оценува како политиканство што ја парализира државата.

Според него, македонската политичка сцена веќе 20 години е заробена во перманентни изборни процеси, кои многу малку им оставаат простор на властите да спроведуваат суштински реформи.

„Тоа не е државничко однесување, тоа е политикантство на сметка на партиските интереси, не на државните интереси. Замислете каков златен период би имале ако првпат во последните 20 години имаме четири години без ниедни избори“, вели Османи додавајќи дека ДУИ до последниот можен рок ќе се бори со аргументи за да докаже дека најдобро е со локалните избори да има и предвремени парламентарни.

Ако партијата на која ѝ припаѓа оствари убедлива победа на локалните избори, Османи вели дека секако ќе бараат предвремени парламентарни напролет следната година.

„Да, се разбира. Видете, сега земјата е блокирана. И, ако ние влеземе пак во изборни процеси на секои шест месеци, повторно нема да излеземе од вителот во кој сме влезени. Така што, треба да има парламентарни избори“, рече Османи во интервјуто.

Критикувајќи ја актуелната влада, која вели дека се однесува како слон во продавница за порцелан, Османи оценува дека таа им нанесува штета на европската интеграција и меѓуетничките односи.

Во интервјуто тој вели ДУИ ќе се држи до трите клучни принципи како услов за учество во секоја идна владина коалиција: гарантирана европска перспектива, обновување на почетната рамка на Охридскиот договор и ветинг‑процес во јавниот сектор.

извор и фотографија: 360степени

Слични вести