Ослободителна пресуда за Груевски за ,,Талир 2″, по 8 години се одмрзнува ,,Белата палата” на ВМРО-ДПМНЕ

by valentina 12:50
12:50

Денеска во Кривичниот суд беше изречена ослободителна пресуда за екс премиерот Никола Груевски, кој беше обвинет во ,,Талир 2″, за незаконската изградба на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.

Судијката Даниела Алексовска-Стојановска рече дека ослободителната пресуда е резултат на измените на Кривичниот законик од 2023 година, бидејќи тие навидум минорни измени на Кривичниот законик, всушност, многу влијаеле на битието на кривичното дело.

Судијката истакна и дека застапникот на обвинението не вложил напор ни на повтореното судење, ни во завршниот збор, да смени нешто во обвинението во однос на измените на Кривичниот законик.

Овој предмет е веќе изгубен за Обвинителството, бидејќи и да поднесат жалба до Апелација, предметот застарува за еден месец.

Ова значи дека ВМРО-ДПМНЕ конечно по 8 години ќе ја одмрзне, ,,Белата палата”, вредна 14 милиони евра и останатиот партиски имот во вредност од 2 милиони евра, кој наскоро ќе може да го издава или продава, но најважно го спаси од конфискација.

Пред три години сликата беше сосема поинаква, бидејќи тогаш државата беше на чекор сиот партиски имот да го префрли на своја тапија, бидејќи имаше првостепена осудителна пресуда. Тогаш Кривичниот суд одмери шест години затвор за екс премиерот Груевски и условна казна за Кирил Божиновски. Беше наложена и конфискација на партискиот имот, но становите и нивите никогаш не се префрлија на име на државата, бидејќи пресудата падна на Апелација поради скандалозните измени на Кривичниот законик.

По направената преквалификација на обвинението, судењето почна од почеток. Во меѓувреме од прогон се спаси Божиновски, за кого делото застаре, а кривичниот прогон за Груевски и партијата продолжи.

Валентина Вурмо

Слични вести