Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на свечена церемонија во салата на Филхармонија ќе даде отчет за сработеното за првите 100 дена откако е на функцијата.
„Почитувани, Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ.
Она што го постигнавме е само почеток. Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните.
Ова не е само мој успех. Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно. За секој еден од вас. За достоинствен град“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.
Ова е првпат градоначалник да прави свеченост за 100 дена откако е на функција во која има капацитет за 890 лица и на која ќе бидат поканети актуелни функционери, градоначалници и партиски членови. Сите градоначалници досега правеле прес-конференции на кои биле поканети само новинари кои поставувале прашање по излагањето на градоначалникот.
Неговата претходничка Данела Арсовска направи отчет во Младинскиот културен центар (МКЦ) на кој беа поканети само новинари. Нејзиниот претходник, градоначалникот Петре Шилегов, одржа отчет на прес-конференција во Град Скопје.