Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, денес изјави дека, според јавните проценки, на Украина и се потребни 400 милијарди американски долари за да ја продолжи војната со Русија во наредните четири години и дека се очекува Европската Унија да ја подмири сметката. Сепак, тој потенцираше дека „не е работа на Унгарија да ја финансира Украина”, иако неговата држава е членка на ЕУ.
Орбан рече дека, освен ЕУ, нема никој друг кој е спремен да ги покрие трошоците, пренесе МТИ.
„Затоа Брисел е толку вознемирен. Затоа сакаат да запленат замрзнати руски средства, да го ревидираат системот за финансирање на ЕУ и да земат нови заеми. Ние го отфрламе тоа. Не е работа на Унгарија да ја финансира Украина. Немаме причина за тоа, ниту политички, ниту економски, ниту морално. Не сме сами во Европа, но зборуваме најотворено. Затоа Брисел постојано нѐ напаѓа”, рече Орбан.
Тој рече, користејќи германски израз, дека ЕУ сака „јавол влада”, односно влада која само ќе кажува „разбирам”.
„Тие сакаат „јавол влада“, со Канцеларија на европскиот јавен обвинител, економска политика што е во согласност со ЕУ, експерти одобрени од Брисел и премиер што можат да го контролираат”, изјави Орбан.
Унгарскиот премиер објави дека неговата влада во следните четири години ќе ги поддржува унгарските семејства, фирми и пензионери, во чии рамки ќе се воведе ослободување од данок за мајките со две или три деца, а ќе се врати 14-тата пензија.
„Не можеме да дозволиме унгарски пари да се испраќаат во Украина”, заклучи Орбан.