Општина Центар: Извршен е увид на градилиштето каде настана свлечиште – локацијата е обезбедена, а инвеститорот казнет

by irena 20:41
20:41

Општина Центар попладнево соопшти дека нејзините инспекциски служби заедно со екипа на Министерството за внатрешни работи излегле на терен во врска со инцидентот на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, во близина на Католичката црква, каде настана свлечиште на земја на градилиште при што се оштетени дел од околната инфраструктура и автомобил што бил паркиран во непосредба близина.

Од Општината велат дека по извршениот увид било констатирано оштетување на коловозот, тротоарската површина, канализациската мрежа и уличното осветлување.

Веднаш, како што се наведува во соопштението што го пренесува МИА, биле изречени казни и санкции за инвеститорот поради непочитѕвање на обврските и предизвикување штета врз јавната инфраструктура.

Истовремено со инспекцискиот надзор, екипи на Општина Центар излегле на терен и презеле мерки за обезбедување на локацијата.

“Поставени се сигурносни појаси и предупредувачки ленти со цел заштита на граѓаните и безбедно движење во непосредна близина на оштетениот простор. Општина Центар нема да толерира несовесно и неодговорно постапување од страна на инвеститори, особено кога се загрозува безбедноста на граѓаните и се оштетува јавниот простор. За секое прекршување ќе следуваат ригорозни мерки согласно законските надлежности“, наведуваат од Општината.

Истовремено, инвеститорот бил задолжен итно да го обезбеди просторот, да преземе мерки за заштита и санација и обезбедување на безбедноста на граѓаните, се додава во соопштението.

Во инцидентот, кој го потврди и Министерството за внатрешни работи (МВР), бил затрупан и багерот кој работел на градилиштето, а работникот кој управувало со него, за среќа навреме успеал да излезе од него.

Слични вести