„ОНЕ Македонија“ доби лиценца за трет мобилен оператор: „Очекуваме преземање на значителен дел од пазарот“

by irena 13:15
13:15

Подружницата на „4иГ“ од Унгарија, „ОНЕ Македонија“ доби лиценца за 5Г-радиофреквенциски спектар од Агенцијата за електронски комуникации и официјално ќе работи како трет мобилен оператор во државата.

Директорот на АЕК, Јетон Акику, му ги врачи одобренијата што се доделуваат со тендерот на Пал Заранди, претседател на одборот на директори на „Оне Македонија“ и директор на стратегии во Групацијата 4иГ, Бране Ѓуровиќ, извршен директор на „Оне Македонија“, и на Габор Алтман, заменик-извршен директор во компанијата.

– Значителен дел од пазарот очекуваме да преземеме во следните пет години. Амбициите ни се големи. Искуството од другите земји покажува дека влез на трет или четврти оператор значи и преземање на дел од пазарот, истакна Пал Заранди.

Тој најави дека ќе имаат нивна автономна мрежа и оти нема да зависат од другите за што ќе ангажираат експерти што ќе прават истражувања на пазарот како најдобро да се позиционираат.

– За да бидеме целосно независни, тоа бара време и затоа ќе ја користиме мрежата на нашите конкуренти за т.н. национален роаминг. Првично ќе ја лансираме мрежата во Скопје, а потоа и на територијата на цела Македонија, рече Заранди и додаде дека операторот нема да користи технологија од Кина, туку дека склучил договор со шведски „Ериксон“ и ќе се придржуваат до законите на државата за користење безбедна мрежа.

Пал Заранди, претседател на одборот на директори на One Macedonia и директор за мобилна стратегија во 4iG Групацијата, ја нагласи пошироката визија зад влезот на компанијата на овој пазар:

„Ова не е само лансирање на уште една телекомуникациска компанија. За нас, влегувањето во Северна Македонија претставува стратешко проширување на нашето присуство низ целиот Западен Балкан, регион кој е клучен за нашиот долгорочен раст. Северна Македонија игра важна улога во нашите пошироки амбиции за дигитална инфраструктура. Проектот за подморски кабел Албанија-Египет и поврзаниот проект „Балкански столб“, кој е поддржан од Европската комисија, отвора нов стратешки дигитален коридор помеѓу Европа и Африка. Географската и стратешката положба на Северна Македонија природно ја прави точка за проширување за оваа инфраструктура, зајакнувајќи ја релевантноста на земјата во регионалната и континенталната поврзаност на податоци. Оваа земја ќе служи како клучен јазол во регионалниот екосистем на податоци“.

Тој додаде дека како земја-членка на НАТО, Северна Македонија е релевантна не само економски, туку и геополитички.

„Нашите проширувачки одбранбени и сателитски капацитети наоѓаат силна основа тука, а со градење на робусно, безбедно телекомуникациско присуство, поставуваме темели за поширока соработка во критичните технологии. Ова е ретка можност да се изгради национален оператор од нула, со најнапредни алатки, но исто така и да се обликува корпоративна култура насочена кон потрошувачите, агилна и транспарентна од првиот ден“, изјави Заранди.

Првично ќе почне да работи на територијата на Скопје, а ќе ја користи мрежата на постојните два оператора додека да изгради сопствена.

Игор Бојаџиев, претставник на Агенцијата за електронски комуникации, соопшти дека „Оне Македонија“ на 14 јануари го уплатил еднократниот надомест во износ од 8.020.003 евра, со што ги исполни сите услови да ги доби трите одобренија.
Новиот оператор до крајот на март 2027 година треба да покрие еден град со 5Г, до крајот на 2028 година главните коридори во согласност со договорот за основање транспортна заедница на основната и за сеопфатната патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г-сигнал, а до крајот на 2030 година сите градови во државата. До крајот на 2032 година се очекува секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
Директорот на АЕК, Јетон Акику рече дека има опција за повеќе од три мобилни оператори иако најголем дел од радиофрекфенциите се веќе зафатени.

Орце Костов

Слични вести