Од проневера до злоупотреба – зошто е сменето делото за кое се товари Груби?

by vlatko 23:22
23:22

Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, еден од осумтемина обвинети во случајот „Државна лотарија“, се гони по член од Кривичниот законик кој предвидува поблага казна, откако истрагата се водеше за кривичното дело „проневера во службата“, додека со обвинението се товари по друга одредба од КЗ – „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Според членот 354 од Кривичниот законик за проневера во службата, за што првично се товареше Груби, се предвидува сторителот кој ќе прибави значителна имотна корист да се казни од најмалку 4 години до максимални 20 години затвор.

Но, со новиот член по кој се гони, доколку Јавното обвинителство докаже вина кај Груби за „злоупотреба на службената положба и овластување“, казната е максимални 5 години затвор.

Станува зборот за фамозниот член „353“, за кој медиумите анализираат дека теоретски остава простор за Груби да биде условно осуден.

Од ЈО велат дека при одредување на правната квалификација во поднесеното обвинение, надлежниот јавен обвинител се водел од доказите прибрани во текот на истражната постапка. Имено, доказите од кои дошло Обвинителството се разликуваат од првичните сознанија.

„Истрагата доведе до докази за друго дело. Јавниот обвинител не е обврзан со правната квалификација на поведената истрага или поднесената пријава. Обвинението се темели на доказите прибрани во текот на истрагата“, велат од Обвинителството.

Истиот ден кога ЈО соопшти дека поднело обвинение, Кривичниот суд одговори дека го прифаќа и закажа судење се десетина дена.

Слични вести