По булеварот „Партизански одреди“ нема смет затоа што има камери, а истите овие “гости“ што доаѓаат да ја чистат општина Карпош, истите тие ноќе со камиони истураат смет покрај празни контејнери за потоа наутро да дојдат да го собираат сметот и да прикажуваат дека тие се спасители.
Ова во вечерашната е емисија „Топ Тема“ на телевизија Телма го кажа актуелниот градоначалник на општина Капрош, Стевчо Јакимовски, кој како кандидат на коалицијата „Искуство за успех“ в недела ќе се бори за трет мандат на чело на општината.
За проблемот со сметот тој ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од чии редови е неговиот противкандидат, Сотир Лукровски, за кои рече дека водат „ѓубреџиска политика“.
Прашан дали има докази дека камиони навечер доаѓаат и фрлаат смет и кој го прави тоа, дали од Градот Скопје или противкандидати, Јакимовски кажа дека „тоа се овие истите што доаѓаат да чистат заедно со противкандидатот“.
Кажа дека имаа фотографии од 23 октомври кои, според него, покажуваат дека сметот кај салата „Партизан“ во Карпош 4 вечерта во 17:30 часот е собран, а наредното утро во 7 часот на истото место има трипати повеќе смет од оној што бил претходно.
“И доаѓаат тој смет да го чистат. И она што е битно, луѓе што ја работата таа работа од ‘Дрисла’ го видоа тој смет и кажаа: ‘Ова не е комунален смет, ова е корпоративен смет, односно од фирми и јасно е, можно ли е од 5:30 навечер до 8 часот наутро да има трипати повеќе смет, а контејнерите сите полни. И она што е најинтересно граѓанин којшто во тој момент не спиел и бил на тераса го видел камионот кој дошол тука да го исфрли сметот“, рече кандидатот на „Искуство за успех“ за градоначалник на Карпош.