Од десетина до стотици илјади евра е тарифата за подмитување судија!

По неодамнешното апсење на адвокатот Фехми Стафа, на повидок е нова афера во правосудството, која треба да „истресе од гаќи“ и некој корумпиран судија. Засега, според јавнодостапните докази, Обвинителството е исправено пред речиси невозможна мисија за вовлекување и судија во оваа афера, но, сепак, тие го имаат најсилниот адут во рацете. Телефонот на Стафа, кој, сепак, може да ги открие сите тајни, за кои досега само се шепкаше во судските ходници.

by valentina 20:34
20:34

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус”, во бројот 1576, на 18 декември 2025 година.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Адвокати митаџии и корумпирани и лакоми судии. Првите, во улога на „гулаб писмоносец“, ја земаат пратката од странките, кои најчесто ги застапуваат и ја предаваат на судијата со лепливи раце. Тој, пак, потоа го баждари кантарот да надвисне кон неправдата, односно онаму каде што натежнале парите.

Вака накусо може да се опише доброуиграната шема за местење судски одлуки, а која им е добропозната на речиси сите актери во правосудството. Мнозинството професионалци – адвокати, обвинители и судии, точно ги знаат оние малкумина нечесници меѓу нив, но доволно бројни за да им ја извалкаат професијата, за на крајот сите да завршат во ист кош, во оној со 2 отсто доверба.

Сите знаат, шемата за корумпирање е јавна тајна, ама, сепак, ваквите случаи речиси никогаш не го гледаат светлото на денот, туку се прераскажуваат во судските кулоари. Сомнителните одлуки бодат очи, но остануваат да штрчат без последица за авторите.

Последниот случај, кој беше презентиран како обид за поткуп на судија, повторно е на пат да го отвори судството како пупка, но прашањето што остана да виси е дали приказната ќе се истера до крај, или ќе се заврши само со одговорност на адвокатот „митаџија“.

АКО НЕ СЕ УАПСИ СУДИЈАТА, ЌЕ ГО СНЕМА И ДЕЛОТО ЗА ВЛИЈАНИЕ

Станува збор случајот во кој беше уапсен адвокатот Фехми Стафа. Тој во адвокатурата е релативно нов, работеше изминатите три години, а претходно дури 4 години беше на многу помоќна функција, државен правобранител. Имаше и нова амбиција, да стане член на Судскиот совет, но лисиците што ги доби во саботата, му ги сменија плановите.

Според податоците од Обвинителството, од октомври до 13 декември, денот кога беше уапсен, зел 50.000 евра за да ургира и да поткупи судија во скопска Апелација. Но, тоа не била конечната сума. Наводно, побарал 100.000 евра за да влијае кај судијата да му ја укине мерката притвор на неговиот клиент, кој бил во бегство.

„На 06.10.2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13.12.2025 година, директно побарал и примил уште 20.000 евра како дел од поткупот што го барал за да го даде на судијата. Непосредно по примањето на паричните средства, осомничениот е лишен од слобода и кај него се пронајдени парите“, информираа од Обвинителството.

Инаку станува збор за клиентот Љупчо Пецов (Ѓаволот), осомничен во случајот „Синџир“, а кој формално е во бегство, бидејќи наместо во истражниот затвор „Скопје“, е некаде на слобода.

Бидејќи истрагата сè уште е во тек, од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција не откриваат повеќе детали. Но, затоа се наметнуваат и неколку дилеми.

Првично, кој е пријавителот, односно дали сестрата на бегалецот го пријавила адвокатот или друго лице? За првата пратка (30.000 евра) од МВР и од Обвинителството открија дека му била предадена од сестрата на Пецов, но за втората, не даваат детали. Сепак, како што дознаваме, втората сума на Стафа му ја предава друго блиско лице на бегалецот, а логиката оди кон тоа дека истото е и пријавител, бидејќи во спротивно и тоа ќе требаше за заврши со лисици на рацете, бидејќи и давање поткуп е кривично дело.

Како и да е, станува збор за финеси, а, сепак, најважното прашање е каде е судијата во приказната, односно дали доказите се доволно силни да стигнат до него, или адвокатот го злоупотребил неговото име и го измамил семејството на клиентот?

Бидејќи нема да биде првпат доколку некој злоупотреби име или познатство со некој обвинител или судија.

На прва, сепак се создаде впечаток дека истрагата ќе допре и до судијата, бидејќи Обвинителството оди со кривичното дело: „Примање награда за противзаконито влијание“. Доколку судијата не е вмешан, тогаш ова дело не може да опстои и адвокатот ќе треба да се гони за измама.

Засега, барем до затварањето на неделникот, судијата, чие име веќе се шепка меѓу фелата, е сè уште на слобода.

Како што стојат рабтите, се чини дека негова вмешаност единствено ќе може да докаже телефонот на адвокатот Стафа, поточно доколку вештачењето покаже дека имале комуникација со судијата. Не се очекува да се најдат пораки, бидејќи најдобро би знаеле дека треба да ги избришат, но доколку комуницирале, тогаш останува трага и истата ќе излезе на виделина.

СУДИИТЕ ШТО ПОСТАПУВАЛЕ, СПОРЕД ОДЛУКАТА, СЕ ЧИСТИ

Стафа е адвокат на Љупчо Пецов, со прекар Ѓаволот, еден од осомничените за финансиски криминал во случајот „Синџир“, покренат на крајот на октомври 2023 година, со кој се опфатени 26 физички и 28 правни лица. Тие се осомничени дека создале шема за даночно затајување, преку која издавале фактури со ДДВ за наводно извршени набавки, кои, всушност, не биле извршени, односно со лажно даночно побарување предизвикале штета на буџетот во износ од речиси 8 милиони евра.

За овој случај, адвокатот во јули годинава до Кривичниот суд доставил барање притворот на Пецов да му биде заменет со куќен притвор, а за тоа понудил гаранција и документација од државни институции. Врз основа на приложената документација (обезбедена со присуство на Пецов пред нотар и во јавни и приватни здравствени установи), Обвинителството утврдило дека недостапниот за органите на прогонот, Пецов, е во државата, и обезбедило видео на кое се гледа неговото присуство. Тогаш од Обвинителството изјавија дека имајќи предвид дека лицето било во бегство, дека истото влегло на нелегален премин што ја потврдило веројатноста дека кога сака, може повторно да излезе од државата, но и дека не се променети и другите околности врз основа на кои предложило притвор, доставиле негативно мислење по предлогот притворот на Пецов да му биде заменет со куќен притвор.

Откако и судот одлучил во иста насока, Стафа поднел жалба пред Апелација.

Сепак, одговорот од овој суд засега им дава амнестија на судиите што одлучувале, бидејќи решението било донесено пред две недели, а со него, исто така, е одбиено барањето за укинување на притворот.

Она што е воочливо, ако се следи патот на парите, е дека едниот дел од митото е предаден два месеца пред одлуката на Апелација, а втората сума, 11 дена по одлуката. Или, решението е донесено на 2 декември, а во Кривичниот суд било испратено на 11 декември. Стафа, пак, е уапсен два дена подоцна.

Но, сепак, и оваа околност не мора да биде по секоја цена спасувачка за наводно вмешаниот судија, бидејќи веќе следниот месец, предметот повторно можел да се најде пред одлучување во Апелација.

Од објавеното решение се гледа дека постапувале тројца судии, и тоа Ѓоко Ристов, претседател на Советот, и Габриела Гајдова и Лидија Зимбовска.

Судиите заклучиле дека не може да се прифати понудената гаранција од Ѓаволот, во висина од дури 1.000.000 евра.

-Понудената гаранција во услови кога мерката притвор е определена и опстојува и по основот од точка 2 од член 165 став 1- „постои основан страв дека ќе ги сокрие фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците вештаците соучесниците или прикривачите“, не е дозволена и како таква законски не била предмет на разгледување и одлучување од страна на советот на овој суд, одлучиле судиите.

Ваквата одлука воопшто не ја доведува во прашање стручноста или законитоста на судиите што постапувале, односно постапиле согласно насоките и барањата од Обвинителството.

Затоа по одговорот од Апелација остана нејасна тезата на обвинителството за подмитување судија, бидејќи одлуката за притворот веќе била донесена, и тоа на штета на Ѓаволот?

АПЕЛАЦИЈА ИМАШЕ СПОРНА ОДЛУКА, АМА ЗА ДРУГ ОСОМНИЧЕН КРИМИНАЛЕЦ

На пример, сосема поинаква ќе беше ситуацијата, доколку стануваше збор за еден друг предмет, со речиси идентична ситуација, а кој заврши во полза на осомничениот.

Случајот е од март годинава, кога обвинет, кој беше во бегство, а потоа екстрадиран, се спаси од притвор, благодарение на судии од Алелација. Податоците од ова решение, на кое ни укажаа загрижени обвинители, покажуваат дека двајца од судиите се поклопуваат со претходно споменатата тројка, односно за „спорната“ одлука решавале судиите Ристов, Зимбовска и Лирие Елези.

Ова решение беше донесено во март годинава, кога второстепените судии ја прифатија гаранцијата од 618.000 евра на Валмир Етеми.

Обвинителството, но и севкупната јавност, тогаш беше затекната од ваквата одлука, бидејќи Етеми беше осомничен за организатор на криминална група за трговија со дрога и оружје во охридско-струшкиот регион, кој беше во бегство, а се врати во државата благодарение на екстрадиција. Како и да е, Етеми го застапувал друг адвокат, но како што неофицијално дознаваме, наводно Стафа имал „советодавна неформална улога“, со која осомничениот издејствувал слобода. Сепак, за овој случај никогаш немаше истрага за какво било незаконско постапување.

Минатата година на сличен начин, како случајот со Стафа, „паднаа“ членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети и врховниот судија Наќе Георгиев, при што Георгиев беше затекнат и приведен непосредно по земање поткуп од 10.000 евра за интервенирање во судски предмет, со цел да се олесни процесот на обвинет во предметот за шверц со марихуана. И двајцата се спогодија со Обвинителството. Меџити помина со условна казна, а Георгиев беше осуден на три години затвор. Двете пресуди предизвика бројни критики во јавноста, особено онаа за Георгиев, со оценка дека е крајно несоодветна за судија во највисокиот суд, кој е последната судска инстанца каде што граѓаните бараат правда.

Освен овие ретки обелоденети случаи, постојат уште многу други што се раскажуваат како шпекулации.

Пред неколку години, низ обвинителско-судските кулоари, тивко, но уверливо, се прераскажуваше една легенда дека во рацете на еден претставник на третата власт (судската), завршила торба полна со пари. Наводно во торбата имало раситнет милион, поточно 900.000 евра.

Во тој период, случајно или не, на судската сцена најактуелен беше „настапот“ на Врховниот суд, кој во јанури 2019 година го донесен Начелното правно мислење, според кое, накратко, го прогласија тогашното СЈО дека не е овластен тужител за неколку предмети, меѓу кои и „Империја“.

Тогаш, ваквата одлука, освен за СЈО, но и за многумина правни експерти, беше спорно и за републичкото јавно обвинителство. На проширен колегиум одлучија дека истото ја нарушува законитоста во постапувањето на јавните обвинителства и судовите, поради што побараа автентично толкување на спорниот член 22 од Законот за СЈО. Автентичното толкување, за жал, никогаш не беше направено, а набргу следуваше и распадот на обвинителството.

Торбата полна со пари, пак, остана на ниво на легенда. Никој ниту ја потврди, ниту, пак, ја демантираше. Впрочем, како и со сите досегашни сомнежи за корупција во судско-обвинителската фела.

СТАФА ИМАШЕ УЛОГА И ВО НЕУСПЕШНАТА КОНФИСКАЦИЈА ЗА „ТРАНСМЕТ“

Откако се обелодени случајот со Стафа, во јавноста како поразителен и загрижувачки се оценува фактот што во вакви шеми е инволвирано лице, кое до пред само три години беше задолжено за правна заштита на имотните права и интереси на Македонија. Односно, во негови раце беше државниот имот, или во превод позиција со големи ресурси и моќ.

Стафа, од оваа позиција, државен правобранител, беше поврзан и со неуспешната конфискација од 17 милиони евра за случајот „Трансмет“, на бизнисменот Сеад Кочан.

Првично, Државното правобранителство, под негово водство алармираше педесетина институции и функционери, за саботажа на конфискацијата, вперувајќи го прстот на вина во неколку институции, со главен акцент на Обвинителството.

Но, во обидот фокусот да го сврти во друга насока, „Фокус“ дојде до сознанија, кои како спорно го оценуваа и однесувањето на самото Државно правобранителство. Поточно, се наметна прашањето, дали и оваа институција направила грешка во чекори, со што придонела кон целосната слика за неуспешна конфискација?

Поточно, се става под лупа улогата на правобранителството, враќајќи се кон крајот на 2019 година, во рамките на стечајната постапка, поточно на испитното рочиште одржано во Основниот суд Скопје 2.

Тогаш, според нашите соговорници, државниот правобранител требало да го оспори побарувањето на „Пуцко петрол“, кое го имало кон „Трансмет“, во вредност од 1,3 милион евра. Но, бидејќи тоа не било оспорено, дел од средствата што требало да се одлеат во државниот буџет, завршиле во „Пуцко петрол“.

Заклучокот дека Државното правобранителство можело да го запре извршувањето, но не го сторило тоа, го наметна и Судскиот совет.

Имено, по испратен допис до оваа институција од правобранителството, во октомври 2021 година, со кој се бара да се преиспита постапувањето на судиите во овој предмет, Судскиот совет се врти кон нив.

Првично се објаснува дека во рамките на стечајната постапка, по одржаното испитно рочиште судот донел решение во однос на оспорените и потврдените побарувања пријавени од доверителите, меѓу кои се набројува и компанијата „Пуцко петрол“.

„Видно од списите приложени кон предметот, Државниот правобранител не оспорил ниту едно побарување на разлачен доверител, иако имал законска можност за тоа“, се наведува во одговорот потпишан од Киро Здравев, член на Судскиот совет.

И нашите соговорници од Обвинителството појаснуваа дека нападот врз нив е најверојатно поради постапувањето на правобранителот во стечајот на „Трансмет“.

Тој треба да каже зошто не го оспорил побарувањето на „Пуцко петрол“ за разлачно право од стечајната маса на „Трансмет“, иако стечајниот судија му укажал на правобранителот дека имотот врз кој се воспоставува заложното право е опфатено со пресудата за конфискација, појаснуваа нашите соговорници.

Според нив, доколку правобранителот реагирал, би се добил чист имот без товар. Стафа, пак, тогаш се правдаше дека немал никаква вина.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција побаравме одговор дали овој случај имал завршница, но до затворањето на неделникот, не добивме одговор.

СЕ ПОЈАВИ И „СПОРНА“ КУЌА НА СТАФА

Во тој период, Управата за финансиска полиција истражуваше и

имот што наводно ги поврзува фамилијата Кочан и правобранителот Стафа, но и овој случај остана без завршница.

Имено, се истражува имот што наводно ги поврзува фамилијата Кочан и правобранителот Стафа. Накратко, земјиште со куќа, која била во сопственост на братучед на Кочан, било продадено, а вториот сопственик му го подарил имотот на државниот правобранител.

„Фокус“ дозна дека станува збор за земјиште на катастарска парцела со број 2881/1, во катастарската Општина Бутел, на која член на семејството Стафа полага сопственичко право преку два имотни листа.

Според податоците од Катастар, земјиштето е со површина од 282 квадратни метри, на кое има куќа од 60 квадрати. Како косопственици на земјиштето беа наведени Џеват Кочан и Бетим Стафа, преку имотен лист 107619 . А, објектот, пак, самостојно го поседува Стафа, преку имотниот лист 9426.

Според сознанијата на „Фокус“, Џеват е во роднинска врска со бизнисменот Кочан, односно се братучеди, а Бетим е син на правобранителот. Колку и да е случајност, сепак, презимињата Кочан и Стафа на исто земјиште бодат очи.

Инаку, според податоците со кои располагаме, овој имот бил во сопственост на Џеват Кочан. Во 2020 година го продал на второ лице, а тоа, пак, следната година му го подарило на синот на правобранителот.

Стафа, пак, тогаш се правдаше дека имотот го добиле легално, без поврзаност со семејството Кочан.

-Катастарската парцела, односно имотот е стекнат врз основа на легитимен начин, со Договор за подарок од близок роднина на нашето семејство. Ве известувам дека со Договорот за подарок е пренесен и постоечки објект, со преносно право на легализација на дивоградба, која е во постапка за легализација, велеше правобранителот.

Наскоро се очекува да се слушне како Стафа ќе се одбрани и од последниот случај, во кој е осомничен за посредување при подмитување на судија. Дали тој или, пак, некој судија ќе го извлече подебелиот крај, или, пак, можеби и ќе се одбрани од вина. Добрата одбрана во минатото, сепак, му беше најсилната страна!

Слични вести