Очигледно колегите од мнозинството се охрабрени од премиерот, вели Тренчевска за навредите на Петкоска

by irena 09:55
09:55

Пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, реагираше откако пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска, на комисиска седница ѝ упати навреда, нарекувајќи ја „кокошка“. Тренчевска оцени дека ваквиот речник не е соодветен за пратеници и дека не доликува на институцијата.

„Таквата комуникација, навреди и понижувања не доликуваат на храмот на демократијата – Собранието“, изјави Тренчевска во гостување на ТВ Сител.

Таа рече дека во изминатиот период, според неа, од премиерот Христијан Мицкоски се слушаат навреди упатени кон пратеници од опозицијата и кон претседателот на СДСМ, поради што, како што оцени, пратениците од владејачкото мнозинство се охрабрени да продолжат со таквата реторика.

„Очигледно колегите од мнозинството се охрабрени од својот претседател и ги продолжуваат навредите кон нас од опозицијата. Најтрагично е што неодамна го потпишавме и го промовиравме Етичкиот кодекс кој децидно забранува вакво однесување“, рече Тренчевска.

Реакцијата доаѓа два дена по седницата за избор на новите министри, која беше проследена со остри политички судири, меѓусебни навреди и барања за извинување. Пратеничката група на СДСМ претходно обвини дека министерот за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ навредувал нивни пратеници за време на расправата, додека од ДУИ, исто така, реагираа дека нивната пратеничка Арбана Пашоли била изложена на навреди.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, изјави дека е доволно да се погледнат репликите на премиерот Мицкоски, за кои тврди дека содржеле навредливи квалификации кон опозициските пратеници.

Слични вести