Обвинителството ќе бара 30 дена притвор за тројцата осомничени в.д директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани, раководителот на Одделението за водовод, Вадедин Даути и техничкиот директор на јавното претпријатие „Комуналец“-Гостивар, Леон Мезини во случајот со гостиварската вода. Тие во моментов се пред судија на претходна постапка кој треба да одлучи дали ќе го прифати ваквиот предлог.
Надлежниот Обвинител за случајот од ОЈО Гостивар, Хазби Исени на денешниот брифинг со медиумите рече дека засега истрага е насочена само против тие три лица. А, во зависност од пронајдените докази за работењето на сите надлежни институции и поединци, таа, ќе може да се прошири.
Дадена е наредба и веќе е обезбедена целокупната документација од гостиварското комунално претпријатие која треба да даде одговори на многу прашања поврзани со инцидентот кој предизвика епидемија во Гостивар.
Како што беше кажано на денешниот брифинг во гостиварското основно јавно обвинителство на кој беше присутен државниот обвинител Ненад Савески, вишиот Фаик Арслани, како и шефицата на ОЈО Гостивар Елизабета Јосифовска, истрагата почнала на 16 јуни во попладневните часови по, како што беше кажано, анонимна пријава од загрижени граѓани. По што, истражните екипи и дежурниот обвинител излегле на самото место и ги затекнале трите пумпи, од кои две биле во функција поставени уште на 24 јуни… Веднаш биле известени надлежните од АХВ и инспекторатот за животна средина и тие да се вклучат во постапката. Земени се примероци со вода од четири локации – од каналот, од каптажата, од преливната станица каде е забележана зголемена концентрација на колиформни бактерии, како и од една чешма кај џамијата на влезот во градот каде е констатирано поголемо присуство од максимално дозволеното на хлор.
Во тек се засилени инспекциски контроли, при што мостри се земаат од целиот водоснабдителен систем, како и од градинки, здравствени установи, угостителски објекти, верски објекти и други јавни институции.
Зоран Фиданоски