Страшно злосторство го потресе Прилеп откако тројца членови на едно семејство, меѓу кои и едно дете, беа пронајдени мртви со прострелни рани во куќа во центарот на градот, потврди МВР.
Како што изјави јавниот обвинител од Прилеп, таткото и синот отишле во куќата на нивниот чичко на улицата „Стеван Апостолоски“ во саботата, помеѓу 15 и 16 часот. Во куќата во тој момент бил само чичкото, кој, како што се наведува, претходно ја префрлил куќата на својот братучед во својот тестамент.
Како што информираа од СВР Битола, полицијата пристигнала веднаш откако вознемирената сопруга и мајка на убиените пријавила синоќа во 21: 20 часот дека со часови ги нема нејзините најблиски и смета дека се кај вујкото на сопругот, 63 годишниот прилепчанец со иницијали П.Ѓ.
-Полициските службеници извршиле проверка во домот на сторителот, но никој не ја отворал вратата. По наредба од јавен обвинител, полициските службеници со употреба на сила, ја отвориле вратата и кога влегле во куќата, едно лице фрлило бомба кон нив која почнала да чади, но не експлодирала. Откако полициските службеници излегле од куќата, било пукано кон нив, а тие возвратиле од службено оружје, пукајќи кон куќата, додаваат од Битолската полиција.
Според СВР Битола, ноќеска во 1:35 часот по полноќ, лекар од Итната помош од Прилеп констатирал смрт како последица од повреди од огнено оружје кај П.Ч., кај 63-годишниот П.Ѓ и кај 11 годишниот малолетник.
Како што информираше прилепскиот јавен обвинител Стевчо Биноски, вчера попладне околу 15 до 16 часот, 43-годишниот П.Ч. отишол кај неговиот вујко, 63-годишниот прилепчанец со иницијали П.Ѓ. и со себе го повел 11-годишниот син за да ги подобрат семејните односи кои биле нарушени поради имотно-правни состојби. Не се знае што се случувало со часови во куќата, но Биноски вели дека до доаѓањето на полицијата 43-годишниот прилепчанец и неговиот син биле мртви, застрелани од пиштол.
Потоа била повикана и единицата „Тигри“ при МВР. Откако влегла полицијата во куќата ги пронашла трите безживотни тела.